-Предлогот е стигнат по нашата интервенција во Брисел и нашата реакција на драфт документите кои јавноста имаше прилика да ги издискутира минатата недела, рече претседателот на владата Димитар Ковачевски на својата прес конференција по пристигнувањето на францускиот предлог и владината седница одржана на таа тема.
120 секунди или само 2 минути траеше неговото обраќање па детали се дознаваа во одговорите на премиерот на новинарските прашања. На прес конференцијата преовладуваше дека од утре ќе биде ставен на увид на јавноста текстот на документот по што ќе има широки консултации.
Ковачевски ги уверуваше граѓаните дека „имаме план и стратегија која очигледно дава резултат“ и апелираше до сите политички актери и до медиумите „да се воздржат од шпекулации и да се потпираат на официјалните информации од институциите.“
По скромните детали на прес конференцијата, при одговорите на прашањата Ковачевски истакна дека историските прашања и протоколот нема да бидат дел од преговарачката рамка.
-Нашите забелешки се задржани во новиот предлог, МНР го разгледува по што ќе отпочне дебатата. Нашиот став е дека историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во предлог документот кој е стигнат во МНР, тврди премиерот Ковачевски.
-Во однос на протоколот, кој го спомнувате тоа не е прв протокол, тоа е втор протокол за спроведување на договорот за добрососедство со Бугарија и ќе биде презентиран од МНР. Протоколот нема да биде дел од преговарачката рамка, рече премиерот на прес-конференцијата.
Во однос на сите други детали, тој најави дека министерот за надворешни работи и вицепремиерот за европски прашања во однос на предлогот ќе имаат консултации со медиумите почнувајќи од утре.
-Консултациите ќе траат колку е потребно да се извршат консултаци со сите, претседателот, политичките партии, експертската јавност, невладините организации, медиумите, истакна Ковачевски.
Едно од неодговорените прашања на пресот беше „Во каква форма добивте гаранција од Европската Унија и од Бугарија дека ова е последно барање од Бугарија?“.
Ковачевски тврди дека за уставни измени имало широк политички консензус, но без да посочи детали кога и како политичките фактори се изјасниле позитивно.
-Во однос на прашањето на за вклучување на други граѓаните кои се самопределуваат на друг начин од заедниците кои се наведени во Уставот, а тука не зборуваме само за граѓаните кои се со бугарско самоопределување, туку и за оние со хрватско и црногорско, ние веќе имаме изјави од сите политички актери во државата дека тоа е процес кој сите ќе го подржат. Во однос на подршката и во однос на консензуалното прифаќање на она што ќе сметаат нашите граѓани, нашите парламентарци, членови на влада и други носители во државата сметам дека треба да биде со најширок конзенсус бидејќи на овој начин правиме исчекор кон првата меѓувладина конференција со ЕУ, изјави Ковачевски.
