Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли можноста неговата земја да отстапи дел од својата територија во име на мировниот договор со Русија. Во своето традиционално вечерно видео обраќање, Зеленски ги критикуваше предлозите на некои западни политичари Украина да направи отстапки за Москва, вклучително и со откажување од нејзината територија, објави украинската новинска агенција УНИАН. Тој го спомена поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој на форум во Давос изјави дека Украина треба да прифати разговори со Русија, дури и ако од неа се бараат отстапки.
Овие „големи геополитичари“ кои предлагаат такви решенија ги игнорираат „интересите на обичните Украинци, милионите кои навистина живеат на териториите што ги нудат да ги разменат за илузијата на мирот“, рече Зеленски.
Мораме секогаш да размислуваме за интересите на народот и да запомниме дека вредностите не се само зборови, рече украинскиот лидер.
