Еден од клучните изговори за руската инвазија на Украина е експанзијата на НАТО, но воената агресија на официјален Кремљ се заканува дополнително да ја засили северно-атлантската алијанса.
Откако Финска најави дека ќе побара прием во НАТО, историски пресврт во својата безбедносна политика и традиционалниот неутрален статус доаѓа и од Шведска, по промената на повеќе деценискиот став на владеачките социјал-демократи.
Главна пречка за придружувањето на овие две балтички земји на северно-атлантската алијанса засега е најавеното вето на Турција, заради наводната поддршка која ја даваат за Курдите.
Во обид да го надмине противењето на официјална Анкара, Шведска во Турција испраќа своите дипломати, но Ердоган секако ќе биде под голем притисок да ја промени одлуката за ветото, заради можноста НАТО значајно да се засили во Балтичкиот регион.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, оцени дека ситуацијата на фронтот е охрабрувачка за Украинските бранители.
„Руската војна во Украина не оди според планот на Москва. Тие не успеаа да го освојат Киев. Се повлекуваат од околината на Харков. Нивната голема офанзива во Донбас е запрена. Русија не ги остварува своите стратешки цели. Украина може да победи во оваа војна. Украинците храбро ја бранат својата татковина“ – изјави Столтенберг.
Русија е во ќорсокак во својата инвазија на Украина, порача и Украинскиот лидер, Володимир Зеленски.
Украинските сили во последните неколку дена освоија значителна територија во северо-источниот регион од земјата, особено во близина на вториот град по големина во државата, Харков.
„Окупаторите се уште не сакаат да признаат дека тие се во ќорсокак и дека нивната ткн „специјална операција“ веќе доживеа неуспех. Но сигурно е дека ќе дојде времето кога Украинскиот народ ќе ги присили окупаторите да ја признаат реалноста“ – изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Во видео порака снимена во близината на Харков, Украинските бранители потврдија и дека стигнале до границата со Русија, означувајќи го напредокот остварен на борбеното поле.
Сепак, главната причина за прогресот на Украинските сили е најверојатно и фактот дека Руската војска во наредниот период дополнително ќе ги интензивира своите напади во регионот Донбас, каде исто така тешко остваруваат напредок во офанзивата.
Најискусните и најдобро опремени Украински сили се токму во Источна Украина, каде повеќе од 8 години војуваат со про-руските сепаратисти во Доњецк и Луганск.
Информациите за борбите во Источна Украина доаѓаат многу тешко затоа што воздушните напади и артилериските баражи ја спречуваат слободната работа на новинарските екипи.
Никола Илиевски
