Непознати луѓе со црвена боја ја испрскаа полската амбасада во Москва, откако Русија побара од Варшава официјално извинување за сличен инцидент во кој беше нападнат рускиот амбасадор во Полска.
Во понеделникот, украинските поддржувачи во Варшава го испрскаа рускиот амбасадор во Полска со црвена боја додека тој отиде да положи венец во спомен на победата во Втората светска војна. Оваа церемонија се одржа во време кога воената кампања што ја започна Русија во Украина влегува во третиот месец.
Руското Министерство за надворешни работи го повика полскиот амбасадор Кшиштоф Крајевски да му врачи протестна нота поради „скандалозниот“ напад врз рускиот амбасадор и побара „официјално извинување“ од полската влада.
„Одлуката за следните чекори ќе биде донесена врз основа на реакцијата на Варшава на нашите барања“, се вели во соопштението на руското министерство.
Истиот ден беше фрлена црвена боја врз зградата во која се наоѓа полската амбасада во Москва.
„Амбасадорот Кшиштоф Крајевски потврди дека овој инцидент се случил“, изјави портпаролот на полското Министерство за надворешни работи Лукаш Јасина за полската новинска агенција ПАП.
Полскиот заменик-министер за надворешни работи, Марцин Пржидач, за новинарите во Вашингтон изјави дека Полска очекува Русија да ги расчисти работите и да ги уапси виновниците.
Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау во понеделникот изјави дека нападот врз рускиот амбасадор е инцидент што не требало да се случи.
Полска е домаќин на стотици илјади украински бегалци на нејзина територија откако рускиот претседател Владимир Путин ја испрати својата војска во нивната земја на 24 февруари.
