11- годишната Амбла Адеми од Гостивар повторно е во одделението заедно со своите соученици во ОУ „Единство“. Отсега таа ќе посетува настава само во еден клас.
Случајот предизвика голем интерес во јавноста, затоа што на девојчето со Даунов синдром и беше оневозможено да учи со другите деца, по што повеќето институции реагираа во насока на изнаоѓање решение.
Откако вчера се огласија Хелснишкиот комитет, Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, средба со родителите и управата на училиштето остварија и владини министри.
Сите упатени пораки се во насока на прифаќање на децата со попреченост и нивна инклузија не само во образованието, туку и во општеството.
Инаку, случајот со четвртоодделенката Амбла, започнал уште во декември минатата година, кога родителите на нејзините сооученици потпишале петиција дека девојчето наводно било агресивно и пречело во текот на наставата. Поради тоа, таа ротирала во неколку одделенија, а според нејзините родители, постојаното менување на средина ѝ пречело, така што нејзиниот татко се решил преку објави на социјалнте мрежи да го обелодени случајот.
Данијела Билбилоска