Солзавец и водени топови употреби полицијата во Тирана да ги смири двете спротиставени страни во опозициската Демократска партија. Протестот, кој беше најавен за мирен, го организираше поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша. Тој заедно со своето крило поддржувачи се насочија кон партиската зграда. Се обидоа насилно да влезат во објектот, но беа спречени од полицијата. Се кршеа прозорци и врати, предизвикаа сериозна материјална штета, има повредени и приведени демонстранти. Полицијата мораше да ја опколи зградата со жолта лента, и соопштија дека зоната се смета за криминално сценарио. Бериша, кој е поддржан и од актуелни пратеници – демократи, најави уште помасовни протести, а го обвини и актуелниот премиер Еди Рама, кој како што кажа се обидува да го спаси актуелниот лидер на партијата Љуљзим Баша.
Расколот во опозициската партија почна откако Баша го исклучи Бериша од пратеничката група, а потоа и од сите партиски структури, по барање на американската амбасадорка, поради прогласувањето за персона нон грата од страна на САД.