Македонија

Поведена дисциплинска постапка за наставникот кој тепаше ученик во ОУ „ Панајот Гиновски“

Поведена дисциплинска постапка за наставникот и известено МВР. Ова е епилогот од увидот во записникот на двајца инспектори од Просветниот инспекторат, по вчерашниот вонреден надзор во училиштето „Панајот Гиновски“, во Бутел, во врска со физичкото насилство на наставникот по англиски јазик врз ученик во седмо одделение.

Од страна на ДПИ ќе се издаде и решение со наредени мерки, со што се задолжува директорот на училиштето да ги превземе сите законски мерки и активности за целосно документирање и расчистување на случајот, соопштуваат од Државниот просветен инспекторат.

Од ДПИ го осудуваат насилството, со кое според нив, му се наштетува на психофизичкиот развој на учениците, на образовниот процес и на угледот на професијата наставник и најавуваат и контролен инспекциски надзор и дополнителни мерки.

Дека е поведена дисциплинска постапка, за Телма потврди директорката на училиштето, Ќамуран Реџа. Во телефонскиот разговор таа ни кажа дека дисциплинска комисија со тројца членови и тројца заменици, започнала со утврдувањето факти за тепањето на ученикот од наставникот. За случајот Реџа го извести МВР. Од таму вчера за Телма изјавија дека е извршен информативен разговор со лица поврзани со случајот. А, случајот ќе го проверува и ОЈО.

Од страна на надлежниот јавен обвинител веднаш се издадени потребни наредби за да се направат неопходните проверки , со цел да се провери фактичката состојба и да се обезбедат докази, соопштуваат од ОЈО.

Осуда за агресијата на наставникот врз ученикот искажаа психолози во „ Утринска на Телма“. Според нив ваквите појави се трауматични и за инволвираните и за учениците кои го гледале немилиот настан. Тие прашаа зошто се укинати психолошките тестирања при вработување и побараа насилството да не заврши само со дисциплинска постапка за наставникот.

На видеото кое ја вознемири јавноста, а беше објавено викендов на „Тик Ток“, се гледа како наставикот првин му удира шлаканица на ученикот, а потоа го крева од земја и го спушта, додека исплашениот ученик се обидува да го заштити лицето, покривајќи го со рацете.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

И Пендаровски и Силјановска Давкова ќе ги прифатат уставните измени доколку бидат изгласани во Собранието

Дејан Дејан

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Сашо Чавдаров

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе