Актерот Алек Болдвин се огласи по трагедијата која се случи на филмскиот сет во Ново Мексико. На Твитер напиша дека е шокиран и тажен од трагедијата за време на снимањето на филмот, каде со пиштол реквизит случајно ги застрела снимателката Халина Хачинс и режисерот Џоел Соуза. 42-годишната Хачинс подоцна им подлегна на повредите во болница.
„Срцето ми е скршено за нејзиниот сопруг, нивниот син и сите кои ја познаваа и сакаа Халина. Нема зборови со кои можат да се искажат моите шок и тага поради трагичниот инцидент. Целосно соработувам со полициската истрага за тоа како се случила оваа трагедија“, напиша 63-годишниот Болдвин на Твитер.
Полицијата на Санта Фе соопшти дека не се покренати обвиненија по она што го опиша како трагичен инцидент. Додаде дека Болдвин доброволно се пријавил да даде изјава. Засега не е познато дали во моментот на пукањето тој снимал сцена.
„Главниот актер случајно испукал од оружјето“, кажаа од синдикатот.
Детективите сега истражуваат како пукањето од пиштол реквизит завршило со така катастрофални последици. Цитирајќи сведок, еден холивудски сајт објави дека видно растревожениот Болдвин прашувал зошто му дале огнено оружје наполнето со вистинска муниција.
