Свет

Фејсбук, Ватсап и Инстаграм вратени во функција по падот поради „внатрешен технички пропуст“

Фејсбук, Ватсап и Инстаграм повторно функционираат нормално откако вчера беа недостапни речиси шест часа. Технолошкиот гигант причината за падот на неговите три најкористени платформи ја припиша на „внатрешен технички пропуст“, кој пак предизвикал пад и на многу од интерните средства кои компанијата ги користи во секојдневното функционирање, што пак дополнително ги комплицирало обидите да се пронајде проблемот и брзо да се реши. На Фејсбук му беа потребни речиси шест часа за да ги врати во функција трите платформи кои месечно ги користат нешто повеќе од 3,5 милијарди корисници ширум светот.

Нашите инжењерски тимови утврдија дека конфигурациски промени на основната мрежа, кои го координираат мрежниот сообраќај меѓу нашите центри за податоци, предизвикаа проблеми кои ја прекинаа таа комуникација. Нарушувањето на мрежниот сообраќај имаше каскаден ефект врз начинот на кој нашите центри за податоци комуницираат, што доведе до прекин на нашите услуги, соопшти Фејсбук.

Фејсбук побрза да потенцира дека основната причина за падот е неисправна конфигурација и дека за сега нема докази за компромитирање на личните податоци на корисниците.

Познавачите и екпертите за сајбер безбедност читајќи го соопштението на Фејсбук, забележаа дека компанијата не ја исклучува можноста падот да бил намерно предизвикан. Сепак посочуваат и дека ова е прилично чест проблем кај ваквите компании и најчесто е предизвикан од интерен пропуст.

Никој не е имун. Не постои компанија која е имуна на пад. Затоа овие инжењери постојано треба да прават вакви работи, да ги гледаат падовите на другите компании и да сфатат зошто. Како се случило тоа и што можат да направат за да ги подобрат сопствените процеси, вели Даг Мадори, Директор за интернет анализи во Кентик инк.

Падот на трите најпопуларни платформи беше продолжување на тешкиот период во кој влезе компанијата, откако ден претходно беше објавено интервју на СиБиЕс со свиркач од фејсбук, кој ја обвини компанијата дека отсекогаш го фаворизирала растот пред безбедноста на сопствените корисници. Поранешната вработена во Фејсбук Францис Хауген минатиот месец на Вол Стрит Џурнал му предаде интерни документи, и денеска ќе сведочи пред американскиот Сенат за истражувањето спроведено од Фејсбук за ефектот кој Инстаграм го има врз менталното здравје кај тинејџерите корисници, а кое компанијата одбила да го објави откако се покажало дека многу тинејџери платформата ја доживуваат како токсично место.

Комбинацијата од овие  настани го продолжи падот на врадноста на акциите на Фејсбук, кои од почетокот на објавувањето на тајните документи минатиот месец до сега изгубија 15 проценти. Блумберг процени дека ко-основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, вчера за само неколку часа загубил 6 милијарди долари.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп повторно воведува блокада за иранските бродови и најави 20% надомест за комерцијалните бродови кои минуваат низ Ормускиот теснец

Igor Trajkov

Еди Рама: Ниту ќе даваме пасоши на Албанците во Македонија ниту ќе ставаме вето кога ќе станеме членка на ЕУ

Kristina Kuzmanovski

Два тона млечни производи се запленети во Грција, биле превезувани со камион без ладилник

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе