Вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Русија е прогласен за персона нон грата, како одговор на акциите на Скопје во август, соопшти МНР на Руската Федерација.
-На 4-ти октомври в.д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска, беше повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде што ѝ беше врачена нота од Министерството со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата, стои во соопштението на МНР на Русија.
Руското Министерството за надворешни работи ја смета за сосема неоснована одлуката на македонското МНР од август годинава, кога од Скопје беше протеран руски дипломат.
Во текот на една година, во Скопје беа одземени акредитации на двајца дипломати од Руската Федерација, а како објаснување МНР соопшти дека станува збор за солидарност со Прага по дипломатскиот скандал околу бомбашките напади во Врбетица во Чешка.
И двапати Русија одговори со иста мерка, односно протера по еден вработен во амбасадата во Москва.
Во август кога беше протеран рускиот дипломат, разузнавачки извори за Телма тврдеа дека одлуката е донесена како контраразузнавачка мерка поради „напад“ врз офицер на АРМ, односно обид да се врбува армиски офицер кој го пријавил „нападот“ кај надлежните институции.
