Граѓаните вакцинирани во странство немаат друг избор освен да отидат во некој пункт за вакцинација во земјава и директно да бидат вметнати во македонскиот здравствен систем како лица имунизирани со некоја од вакцините против Ковид. Онлајн алатките на Здравство не нудат можност граѓаните тоа самите да го направат на дигитален начин, иако праксата досега покажа дека на страницата vakcinacija.mk граѓаните можат да се пријават за прва и втора доза, таму да пишуваат свои податоци, и сами да си испечатат Потврда за согласност и потпишана да ја дадат на пунктот кога одат да се вакцинираат. Станува збор за нешто повеќе од 30 илјади граѓани кои пред неколку месеци се вакцинирани во странство и нивните податоци допрва треба да се интегрираат и во овдешниот систем.
Интегрирањето на податоците и во нашиот систем е потребно и за третата доза на вакцина. А, зошто во Македонија е донесена одлуката таа да се дава само на определени категории граѓани одговараат од Министерството за здравство. Истата е препорачана за лицата над шеесетгодишна возраст, пациентите со тешки болести и ослабнат имунитет, како и докторите и сите медицинари. Од Здравство велат дека граѓаните кои се вакцинирани во странство мора на вакцинален пункт да приложат сертификат дека се вакцинирани во странство, каков тип на вакцина и кога ги примиле двете дози. Додаваат дека засега третата доза не е услов за патување и не е дел од вакциналниот сертификат. Според најавите на здравствените власти, од понеделник ќе добиваат покани сите оние коишто пред шест или повеќе месеци примиле втора доза на вакцина.
Петар Догов
