Хирурзите од ГОБ „ 8 Септември“, во понеделник ќе прекинат со операциите, доколку директорот Костов не им создаде услови за хируршки интервенции на пациентите чии болести не се животозагрозувачки. Во отворено писмо, хируршкиот колектив изразува свесност дека втора година работат како главен ковид центар во државата, но незадоволни се што и покрај приемот на пациенти за операции од цела држава, кои се на терциерно ниво на болестите,функционираат како за секундарно ниво. Колективот бара од директорот во повеќе сали да се извршуваат операции дневно, а не само во две како сега.
- Во болницата функционираат само 2 хируршки сали дневно, наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот. Јасно е дека со настанатата ситуација со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција.
Од хируршкиот колектив велат дека биле понудени неколку решенија за реорганизација на работата, но тие не стигнале до директорот зашто не ги примал на разговор.
Директорот Христијан Костов , кој исто така се јави преку соопштение, вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на салите за операции, но смета дека тоа за сега не е можно поради ангажирањето на дел од персоналот во ковид одделенијата и редукцијата на капацитетите во интерес на нивно зголемување за лекување на пациентите со ковид.
- Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни заради болест, нивниот ангажман во ковид одделенијата, редуцираниот број хируршки одделенија заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид позитивни пациенти во кои е потребен поголем број на медицински персонал, согласно препораките на Министерството за здравство, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури).
Телма дознава дека Министерството за здравство упатило покана за средба со хирурзите и чекаат повратен одговор, дали денеска ќе дојдат на состанокот.
Нема да има прекин на операциите во понеделник за пациентите кои се во животозагрозувачка состојба, додаваат од хируршкиот колектив во ГОБ.
Сотир Трајков
