Македонија Најважни

Царовска: Бидете одговорни, заштитете го личното здравје

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на првиот ден од новата учебна година во видео обраќање им посака успешен почеток на сите ученици и наставници, притоа нагласувајќи дека образовниот систем е целосно подготвен за почеток со физичко присуство.

– Новата учебна 2021-2022 година започнува на 1 септември со отворени училишта за сите ученици. Образовниот систем е целосно подготвен за тоа. Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници, истакнува Царовска.

Во видео обраќањето, Царовска на учениците им порачува да имаат верба во себе и да не се откажуваат од зацртаните цели бидејќи образованието е најважната инвестиција во животот, а упатува и благодарност до родителите за посветеноста и придонесот за успешна реализација на наставата во услови на пандемија.

– Верувам дека со враќањето на физичката настава во училиштата ќе биде полесно за сите, вели Царовска.

Успешна работа министерката им посакува и на вработените во училиштата, нагласувајќи дека наставниот кадар е најважната алка во воспитно – образовниот процес.

– Од вас најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. Измина една година од мојот мандат. Заедно изработивме многу, но и уште повеќе останува да се сработи. Вие сте носители на промените кои заедно ги создадовме и од кои очекувањата се високи. Верувам дека ќе дадете максимум за да ги постигнеме зацртаните цели. Влогот и досегашниот труд се големи, а интересот е заеднички, нагласува Царовска.

Потенцира дека МОН е тука за сите кои имаат потреба од поддршка, но и потсетува на одговорно однесување во секоја прилика за време на овие вонредни услови за образованието и почитување на мерките и протоколите.

– Не заборавајте да бидете одговорни во секоја прилика за време на овие вонредни услови за едукација, заштитете го личното здравје и придонесете за безбедноста на другите околу вас, порачува Царовска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МВР ја избриша објавата со слика генерирана од вештачка интелигенција за случајот со странецот кој се загуби на Матка

Tea Dimkovska

Нови откритија на локалитетот Кале во Крупиште – целосно е дефинирана уникатната базилика со глаголички натпис

Tea Dimkovska

Чибишев: Суицидални се дури 95 отсто од случаите на труење на Токсикологија

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе