Тројца независни кандидати влегуваат во трката за градоначалник на Македонска Каменица. Исто толку собрале потписи и за Чучер Сандево, додека за град Скопје остануваат две листи со доволен број потписи. ДИК информира дека рокот истече синоќа во 24 часот, а во уште 17 општини ќе има по еден независен кандидат. Неколку досегашни градоначалници, кои не добија поддршка од своите матични партии за уште еден мандат, одлучија да се кандидираат како независни: Максим Димитриевски за Куманово, Жика Стојановски за Илинден, па и Слободан Даневски за Свети Николе.
Собрани се потписи и за 57 листи за советници. Најголем интерес имало во Кавадарци и во Македонски Брод, каде што има по 5 независни советнички листи, во Охрид и и Чучер Сандево по 3, во Центар 2, а во Скопје само една, предводена од Драгана Велковска. 13 советнички и 12 градоначалнички листи не успеаја да соберат доволен број потписи.
Меѓу нив е и поранешниот пратеник од НСДП Љубомир Јосифовски, кој се обиде да се кандидира за главниот град.
За град Скопје, успешни кандидатури имаат: Петре Шилегов како предлог на СДСМ за втор мандат, Данела Арсовска, која собра потписи како независен па доби поддршка од ВМРО ДПМНЕ, Ана Петровска сПетар Георгиевски Камиказа зад кого застана Левица, а денеска им се придружи адвокатот Александар Тортевски, предлог на Твоја партија.
Наредниве десетина дена е отворена можноста и други партии да истакнат свои кандидати. Рокот за пријавување листи во ДИК истекува на 11-ти септември, а кампањата почнува на 27-ми.
Соња Николовска
