Ниту денес не е целосно функционална страницата на Државната изборна комисија. Ако кликнете на делот со изборните резултати – податоци нема. Функционира само делот со излезноста каде што пишува колку отсто граѓани гласале на предвремените парламентарни избори.
Од МВР, пак, се уште нема подетални информации за истрагата.
Вчера ДИК пријавија во полиција дека се хакирани, а од внатрешни работи за Телма кажаа само дека Секторот за компјутерски криминал се уште работи на расчистување на случајот.
За случајот со нефункционалната страница на ДИК синоќа изреагира Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии „МАСИТ“.
Дигиталните проекти, производи и услуги кои се од општествено, економско и државно значење, независно дали законот тоа го предвидува или не, треба да се договараат и реализираат на максимално транспарентен, објективен и етичен начин, тврдат од МАСИТ.
Оваа реакција на Комората уследи откако веб-страницата на ДИК беше нефункционална на изборниот ден.
Државната изборна комисија и го дала сајтот на фирмата Duna. ДИК официјално побарале мислење од Бирото за јавни набавки на први јуни.
Десет дена подоцна, добиле одговор.
Бирото за јавни набавки е на мислење дека во конкретниов случај не се исполнети условите за спроведување на постапката со преговарање без објавување оглас. Одговорноста за изборот и спроведувањето на постапката со преговарање како исклучителна постапка е одговорност на договорниот орган, соопшти бирото за јавни набавки.
Претседателот на Државната изборна комисија, Деркоски вчера остро демантираше дека тендерот е спроведен во четири очи со непосредна спогодба.
Петар Догов