Државната изборна комисија имаше полни раце работа со пребројување на гласовите од предвремените парламентарни избори, но официјалната страница каде што требаше да се следат изборните резултати онака како што се внесуваат во системот – падна и не беше во функција.
Страницата не работи ниту денес. Претседателот на ДИК вчера соопшти дека биле цел на хакерски напад. Официјалните информации од МВР за Телма се дека до нив веќе стигнала пријава од ДИК дека биле хакирани и затоа Секторот за компјутерски криминал ќе започне да истражува што се случи со официјалната страница на изборниот ден и дали нападот е реализиран преку компјутерски систем во земјава.
Освен сајтот на Изборната комисија, и други беа цел на хакери во ист ден. Страниците на Министерство за внатрешни работи, на Телевизија Телма како и Тime.mk каде што се собираат сите вести имаа проблеми со упад на хакери.
Дознаваме дека мрежите на Телеком и на А1 вчера беа цел на хакерски напад, а со хакери се соочија и важни веб-сајтови и тоа на изборниот ден.
Петар Догов