Вести Свет

САД ќе објават договор што ќе ѝ овозможи на Саудиска Арабија да развива цивилна нуклеарна програма

Американскиот претседател Доналд Трамп одобрил нуклеарен договор со Саудиска Арабија кој би можел да му овозможи на кралството да збогатува сопствено нуклеарно гориво за цивилни реактори, без да го прифати таканаречениот „златен стандард“ на меѓународен надзор, пренесе CNN, повикувајќи се на американски претставници запознати со деталите на договорот.

Договорот би важел 30 години и би можел да биде објавен уште во среда, изјавил еден американски функционер.

Тој додал дека американски компании ќе обезбедат технологија и експертиза за развој на саудиската нуклеарна програма.

Секој договор што ѝ овозможува на Саудиска Арабија пристап до нуклеарна технологија, автоматски е контроверзен, како во САД така и на поширокиот Блиски Исток, бидејќи способноста за збогатување нуклеарно гориво теоретски може да доведе до производство на нуклеарно оружје.

Администрацијата на Трамп планира договорот да го испрати до Конгресот по неговото официјално објавување.

Американските медиуми претходно објавија дека Белата Куќа со месеци го одложувала договорот поради загриженоста околу војната со Иран и можноста Конгресот да не го одобри.

Пред да започне збогатувањето на ураниум, заеднички американско-саудиски тим ќе испита дали тоа е оправдано и економски исплатливо. Постројката ќе ја изградат американски компании, но чувствителната технологија нема да биде пренесена на Саудиска Арабија.

Според „Волстрит журнал“, кој прв ја објави информацијата за одобрувањето на договорот, Ријад нема да смее да развива сопствена технологија за збогатување ураниум ниту да ја купува од други држави во период од десет години.

Договорот исто така предвидува ограничувања во однос на инспекциите што би можеле да се спроведуваат врз саудиската нуклеарна програма, што би можело да предизвика сомнежи кај американските законодавци.

Саудиска Арабија нема да биде обврзана да го потпише таканаречениот Дополнителен протокол со Меѓународната агенција за атомска енергија, како што тоа го направија Обединетите Арапски Емирати во 2009 година при склучувањето на нуклеарниот договор со САД, кој се смета за „златен стандард“.

Според американски извори, Саудијците долго време одбивале да го потпишат протоколот поради наводните стравувања дека тој теоретски би можел да им овозможи на инспекторите пристап до светиот град Мека или до кралските палати.

Наместо тоа, договорот предвидува билатерален механизам за заштитни мерки кој е сличен на стандардниот протокол, но ги изоставува деловите што биле неприфатливи за Ријад. Сепак, условите на овој договор ќе треба да бидат ратификувани од Одборот на гувернери на меѓународната агенција за нуклеарна енергија.

Израел, за кој постои широко раширено верување дека поседува непријавено нуклеарно оружје, долго време е резервиран за можноста Саудиска Арабија да добие пристап до нуклеарна технологија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ бара оставки на здравствените власти, на директорот на АХВ и на одговорните во лојалните ЦЈЗ

Sasko Dimovski

Случајот со загадената вода во Гостивар разоткрива непрофесионално и неодговорно однесување, велат невладините

Sasko Dimovski

Мал бетонски објект, метална врата и катанец како единствена заштита – до Комората во Вруток може да пристапи секој

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе