Неиспитана вода од канал не смее да се вбризгува во водоводниот систем. Доколку се потврдат наводите на обвинителството дека при тестирање на притисокот биле поставени потопни пумпи во канал со површинска вода во близина на преливната комора, ќе биде неопходно да се утврди дали при таквата интервенција биле почитуван Законот за водите, порачуваат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) вo врска сo загадената вода во Гостивар.
„Се работи за непрофесионално и неодговорно однесување кога била користена вода спротивно од дозволата за користење вода надвор од секакви параметри. Тоа е главниот проблем според нас и нешто што мора инто да се смени во државата. Ова не е изолиран случа,ј годинава имавме и забрана за пиење вода во Струга, исто поврзано со квалитетот на водата и изворот на водоснабдување. Овие работи мора да се променат и во иднина да не се случуваат“, вели Бојан Трпевски од МЗМП.
Загадувањето на водата за пиење во Гостивар уште еднаш потврдува колку се важни ефикасните механизми за превенција, мониторинг и институционален надзор во заштитата на животната средина и јавното здравје, порачуваат од невладината.
Се наметнува и прашање дали имаме доволно гаранции дека водата што ја пиеме е безбедна или дали механизмите за превенција, мониторинг и институционален надзор функционираат како што предвидуваат законите.
Само 20 дена по јавно објавениот извештај на Центарот за јавно здравје Тетово дека водата за пиење во Гостивар ги исполнува законските и стручните барања, беше прогласена епидемија, потенцираат од невладината.
Со прогласување на кризната состојба, Владата и надлежните институции имаат обврска да обезбедат координиран институционален одговор, посочуваат од оваа невладина. Тоа подразбира донесување и јавно објавување на детален акциски план со конкретни мерки, рокови и надлежности, редовно информирање на јавноста, како и јасни критериуми за укинување на мерките и нормализирање на состојбата.
Елена Ивановска Мукоска
