Мал бетонски објект, една метална врата и катанец. Се доаѓа по земјен пат од 50-тина метри по исклучувањето од главниот пат. Вака изгледа преливната комора во гостиварското село Вруток, од каде во градскиот водовод биле внесени фекални бактерии.
Покрај комората тече одводен канал во кој биле поставени пумпи кои ја пумпале отпадната вода внатре во комората. Според Обвинителството, пумпите ги поставиле вработени во „Комуналец“ по налог на раководството кое е под истрага. Но, изненадувачки, до комората може да пристапи кој сака.
Во изминатата недела полицијата го обезбедува објектот по налог на обвинителството заради заштита на доказите, но вообичаено катанецот е единствената заштита.
„Ова што вие го кажувате малку ме зачудува. Едноставно треба да има обезбедување, се работи за обезбедување на објекти, затоа што овие објекти се од витално значење и значат премногу и за самото здравје и за безбедноста на граѓаните“, вели професор Злате Димовски од Факултетот за безбедност.
Според обвинителството, пријавата дека загадувањето на водата доаѓа од Комората во Вруток дошла од анонимни граѓани, а на социјалните мрежи пред пет дена беа објавени снимки што ги направиле граѓани на кои се гледа дека пумпите работат.
Тоа го отвора и прашањето за заштита на критичната инфраструктура во земјава – кој и како може да пристапи до ваквите објекти преку кои може да се загади водата. Сепак, нема точна дефиниција што претставува критична инфраструктура. Законот за критична инфраструктура, кој требаше да ти реши овие прашања веќе четврта година не е донесен, откако беше изготвен нацрт.
„Непостоењето на такво нешто едноставно доведува до забуна за тоа што е критична инфраструктура, што е она што е приоритетно или задолжително да се обезбедува, што е она што не би требало или евентуално би било оставено на слободна диспозиција на институциите коишто тоа го менаџираат. Така што таа празнина, да ја кажеме, едноставно доведува до ваквите можности и тешкотијата да можеме некого да го посочиме со прст дека не презел соодветни мерки за обезбедување на објектите“, вели Димовски.
Според предложениот закон, водоснабдувањето, меѓу другите сектори, се смета на национална критична инфраструктура.
Срѓан Стојанчов
