Младата македонска кошаркарска репрезентација до 20 години загуби убедливо од Шведска во третото коло од Европското првенство Б-дивизија, кое се одржува во Братислава.
Шведска ја наметна својата игра уште во првата четвртина, која ја доби со 23-16. Во продолжението само ја зголемуваше предноста, а Македонија немаше соодветна противигра. На полувремето Швеѓаните водеа со 45-32.
Во третиот период негативата драстично се зголеми. Шведска брзо дојде до предност од 20, а потоа и од 30 поени. Нашите младинци во последната четвртина успеаја само да ја намалат разликата за конечни 64-86.
Во македонскиот состав само еден кошаркар имаше двоцифрен учинок. Марко Луканоски запиша дабл-дабл со 15 поени и 13 скока.
За Македонија ова беше втор пораз на турнирот, по оној од Република Ирска. Единствената победа ја оствари на првиот натпревар против домаќинот Словачка. Утре од 21 часот Македонија игра против Азербејџан во последното, петто коло од групата А.
