Македонските ракометни клубови денеска ги добија своите ривали во Европската лига во женска конкуренција, како и во првото коло од ЕХФ Европскиот куп кај мажите и жените.
Ракометарките на Ѓорче Петров во второто квалификациско коло од Европската лига ќе играат против чешкиот Бањик Мост. Македонскиот шампион ќе биде домаќин на првиот натпревар, кој е закажан за 3 или 4 октомври, а реваншот во Чешка ќе се игра седум дена подоцна.
Победникот од двомечот ќе се пласира во третото квалификациско коло, каде што ќе се приклучат уште осум екипи. Во групната фаза, која почнува на 9 јануари 2027 година, ќе се пласираат 12-те победници од третото коло, заедно со четирите директно пласирани тима.
Во ЕХФ Европскиот куп кај мажите, Тиквеш ќе игра против Еш од Луксембург. Првиот натпревар ќе се игра во Кавадарци на 12 или 13 септември, а реваншот во Луксембург е закажан за 19 или 20 септември.
Македонскиот ракомет ќе има уште три претставници во ова натпреварување. Актуелниот бранител на трофејот Охрид, освојувачот на Купот во 2025 година Алкалоид и Бутел Скопје се директно пласирани во второто коло. Нивните натпревари ќе се играат на 17/18 и 24/25 октомври, додека датумот за ждрепката сè уште не е потврден.
Во женскиот ЕХФ Европски куп, Вардар ќе игра против италијанскиот Бриксен Судтирол. „Вардарки“ првиот натпревар го играат на гостински терен на 3 или 4 октомври, а реваншот во Скопје е седум дена подоцна.
Чаир Скопје, пак, е директно пласиран во третото коло од ЕХФ Европскиот куп и противник ќе добие во октомври.
