Претседателот на Собранието, Африм Гаши изрази загриженост во врска со информациите за постапувањето кон пратениците на Собранието на Република Северна Македонија на граничниот премин Ќафасан, соопштија од неговиот Кабинет.
Во рекацијата до јавноста, тој напоменува дека „пратениците се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат“ и поради тоа секое постапување треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство.
Тој очекува целосно и транспарентно да се разјасни инцидентот.
Во меѓувреме функционерите на Влен – двајцата пратеници Беким Ќоку и Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани – се повлекоа од првичното тврдење дека не им бил дозволен влез во Албанија. Тие сега велат дека всушност се вратиле во Македонија во знак на револт што биле држени на граничниот премин „Ќафасан“ повеќе од еден час, иако имале дипломатски пасоши. На нивниот четврти сопатник кој не го именуваат не му бил дозволен влез во Албанија.
И покрај ваквите тврдења на заменик генералниот секреатр на Владата Муртезани, Телма неофицијално дознава дека во македонското МНР имало средба со претставник на амбасадата на Албанија во земјава за настанот во кој биле инволвирани двајцата пратеници од ВРЕДИ и заменик-генералниот секретар на Владата, на граничниот премин „Ќафасан“.
Притоа била побарана официјална информација од албанските власти за настанот во кој на државјани на нашата земја не им бил дозволен влез во Албанија
И од матичната партија на тројцата функционери од ВЛЕН, на постот кој беше објавен на нивната официјална страница на Фејсбук пишуваше дека на пратениците Ќоку и Азизи, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Муртезани, не им било дозволено да влезат во Албанија, при што побараа од Албанија да информира дали навистина постои и кои се конкретните причини за таква мерка.
