Дипломиран социјален работник и дипломиран психолог се предложени за нови членови на Советот за граѓански надзор во чија надлежност е надзорот врз примената на мерките за следење на комуникации односно на прислушувањето.
Собраниската комисија за избори и именувања по предлог на пратеникот Миле Лефков ги предложи Андон Дамовски кој е дипломиран социјален работник, магистер по социјална политика и доктор по социолошки науки.

На интернет може да се најдат повеќе трудови и книги за социјална политика. Втора предложена кандидатка е Гордана Стефковска Вељановска, дипломиран психолог со повеќегодишно искуство во невладиниот сектор за родова еднаквост.
Вељановска инаку е сопруга на директорот на Драмскиот театар, актерот Роберт Вељановски кој беше дел и од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Телма контактираше со двајца пратеници и од опозицијата и од владеачката коалиција, и двајцата се изјаснија дека не знаеле за брачната релација на предложената кандидатка. Сите останати 5 кандидати беа со дипломирани правни или безбедносни науки, но не поминаа.

Лукароска од СДСМ го предложи новинарот и поранешен член на Антикорупциската комисија Горан Трпеноски, но тој доби само еден глас. Двајцата предложени треба да го комплетираат 7-члениот Совет за граѓански надзор како невладини претставници.
Миомир Серафиновиќ
