Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи примирјето со Иран за готово, откако синоќа двете страни повторно разменија оган во Ормускиот теснец. Нарекувајќи ги измамници, Трамп од НАТО самитот во Анкара порача дека преговорите со иранскиот режим се губење време, иако кратко потоа рече дека ќе им дозволи на преговарачите да ги продолжат разговорите.
–Мислам дека е готово. Не сакам повеќе да имам ништо со нив. Тие се ѓубре, знаете што е ѓубре? Тие се ѓубре, тие се болни луѓе, водени од болни луѓе и тие се злобни, насилни луѓе. Ако имаа нуклеарно оружје ќе го употребат. Што се однесува до мене готово е, изјави Трамп.
Американската централна команда соопшти рано утрово дека нападнала 80 цели на иранската армија, морнарица и револуционерната града, откако Иранците нападнале три танкери во Ормускиот теснец. Техеран соопшти дека како одговор тие извршиле напади врз американски бази во Кувајт и Бахреин.
Дека нападите биле оправдани смета и Генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, според кого, Исламската република постојано го прекршувала примирјето.
–Мислам дека тоа беше апсолутно неопходно, бидејќи имаше примирје, а Иран го прекршуваше. Видовме што се случи вчера со нападите врз бродовите, мислам дека беше апсолутно клучно што САД реагираа со сила, искаткна Руте.
Ова не е прв пат Соединетите држави и Иран да разменат оган од прогласувањето на примирјето и почетокот на преговорите, но е прв пат Трамп разлутено да го прогласи целиот процес за мртов.
Последната рунда преговори се одржа минатата недела во Катар, каде не беше постигнат никаков напредок. Оваа ескалација следуваше откако американскиот претседател пред пристигнувањето во Анкара ја повлече лиценцата која им дозволуваше на Иранците да продаваат нафта, што беше дел од рамковниот договор кој го постигнаа минатиот месец.
Околу 50.000 американски војници и две поморски борбени групи ќе останат распоредени во регионот, барем до крајот на летото, соопшти Пентагон, игнорирајќи ја претходно усвоената резолуција во американскиот Конгрес за крај на борбените дејствија против Иран.
Игор Трајков
