Економскиот раст предвиден во ребалансот на буџетот е преценет, а инфлацијата е во линија на очекувањата, проценува „Фајнанс тинк“, дури и во услови кога проекцијата за раст на БДП сега е намалена од 3,8% на 3,5%. Очекувањето за инфлацијата, пак, речиси се удвои, од 2,5% на 4,5%.
Зголемувањето на расходите за 2,8% крие значајни фискални ризици, проценува „Фајнанс тинк“.
„Капиталните расходи се зголемуваат за 14,5% и речиси се изедначуваат со буџетскиот дефицит. Треба да се има предвид дека релативно високата реализација на капиталните расходи во првите пет месеци може делумно да биде резултат на големата еднократна исплата за еден голем инфраструктурен проект“, посочуваат од „Фајнанс тинк“.
Токму затоа, „Фајнанс тинк“ советува дека доколку целосно не се искористат парите наменети за капитални проекти, тие да не се прераспределат за тековни трошења, туку исклучиво во насока на намалување на дефицитот.
Во меѓувреме, продолжува собраниската расправа за ребалансот. Опозицијата обвинува за неодговорно управување со јавните пари и нетранспарентност во врска со трошењето, а власта смета дека ќе обезбеди поголем развој и економска стабилност.
На собраниската говорница не се пропушта можноста за докажување кој која инвестиција ја донел, кој повеќе се грижел за стандардот на граѓаните, а имаше и прекорување за начинот на однесување.
„Во врска со пензискиот фонд, и самиот знаете и јавноста е целосно транспарентно запознаена дека постои дебата. Кога ќе имаме конкретни информации ќе ги пласираме во јавност и нема потреба да ги плашите граѓаните дека ќе оделе тогаш во пензија. Значи, сегашниот модел е тој кој што е и тој е актуелен. Повеќе од тоа нема во моментов. Пријатно!“, рече Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии.
„„Фала, пријатно“ на затворена седница на Влада. Мислам дека замениче министер треба да научите основни работи. Овде сте избран од Собранието и овде сте пред пратеници, ви се допаѓало или не ви се допаѓало. Кобурите и другите работи може да ги држите за надвор од Собрание ако не сте толерантен кон одредени луѓе кои што ви зборуваат. Овде ќе си слушате тоа што ќе ви го кажат пратениците, ви се допаѓало или не ви се допаѓало. Ако не ви се допаѓа, еве ви ја вратата можете слободно да излезете“, рече Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
Попладнево почнува амандманската расправа за ребалансот на буџетот, а поднесени се вкупно 224 амандмани. Очекувањата се дека документот ќе помине во собрание до крајот на јули.
Мирјана Јовеска
