Вести Македонија Топ вести

Премиерот повикува да се повлечат амандманите за Изборниот законик, СДСМ одбиваат

Премиерот ги повика СДСМ и Левица да ги повлечат илјадниците амандмани и да овозможат да се донесе нов Изборен законик. Бара националниот интерес да се стави пред партиските пресметки. Повтори дека се подготвени да прифатат дополнителни измени во делот на изборната постапка и поднесувањето на жалби, но нема да отстапат од предлогот за електронско гласање на дијаспората, затоа што целта е еден ден тие да се вратат дома. Но, има и економски мотиви.

„Ние сега трошиме милиони евра, праќајќи луѓе од министерството за надворешни работи и од другите институции, да бидат набљудувачи и да го спроведат процесот на гласање на дијаспората, којшто не е успешен, бидејќи нормално во Австралија треба вие да летате по 10 часа натаму-наваму за да го остварите своето право. Истото и во Канада, и во Соединетите Американски Држави, па и во Европа, ако сакате можете истото да го анализирате“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Мицкоски обвини и дека СДСМ најпрвин придонеле голем број на граѓани да ја напуштат државата, а сега им го ускратува правото полесно да гласаат.

Социјалдемократите му вратија дека тие не ја спречуваат дијаспората да гласа, таа гласа и сега, спречуваат да се протне закон кој отвора простор за изборен грабеж.

„Сака шверцерски да се воведе електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето. Без да се гарантира дека гласот е даден лично, со можности за злоупотреби од ВМРО, со притисок, со присуство на други лица и злоупотреба на идентитетот на гласачот, да не може да се гарантира ниту дека е почитувано основното демократско право – тајното и слободно гласање“, изјави Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ.

Тренчевска го повтори партискиот став дека нема никаква причина ова решение да се носи набрзина, затоа што е предвидено да се применува дури од 2029 година. Сметаат дека има доволно време владата да го повлече предлогот, да отвори вистинска јавна дебата и да обезбеди политички консензус за изборни правила што ќе имаат доверба кај сите.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Правна разврска за насилството во паркот „Ентер“ во Аеродром, што ја згрози Македонија

Дејан Дејан

Невремето за кратко време го потопи Скопје, под вода и подрумските простории на Клиниката за радиологија

Sonja Petrusevska

„Уште ми фалиш“ со 10 најголеми хитови – „Дац&Александар“ ја промовираа својата грамофонска плоча со поддршка на „Макпетрол“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе