Премиерот ги повика СДСМ и Левица да ги повлечат илјадниците амандмани и да овозможат да се донесе нов Изборен законик. Бара националниот интерес да се стави пред партиските пресметки. Повтори дека се подготвени да прифатат дополнителни измени во делот на изборната постапка и поднесувањето на жалби, но нема да отстапат од предлогот за електронско гласање на дијаспората, затоа што целта е еден ден тие да се вратат дома. Но, има и економски мотиви.
„Ние сега трошиме милиони евра, праќајќи луѓе од министерството за надворешни работи и од другите институции, да бидат набљудувачи и да го спроведат процесот на гласање на дијаспората, којшто не е успешен, бидејќи нормално во Австралија треба вие да летате по 10 часа натаму-наваму за да го остварите своето право. Истото и во Канада, и во Соединетите Американски Држави, па и во Европа, ако сакате можете истото да го анализирате“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Мицкоски обвини и дека СДСМ најпрвин придонеле голем број на граѓани да ја напуштат државата, а сега им го ускратува правото полесно да гласаат.
Социјалдемократите му вратија дека тие не ја спречуваат дијаспората да гласа, таа гласа и сега, спречуваат да се протне закон кој отвора простор за изборен грабеж.
„Сака шверцерски да се воведе електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето. Без да се гарантира дека гласот е даден лично, со можности за злоупотреби од ВМРО, со притисок, со присуство на други лица и злоупотреба на идентитетот на гласачот, да не може да се гарантира ниту дека е почитувано основното демократско право – тајното и слободно гласање“, изјави Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ.
Тренчевска го повтори партискиот став дека нема никаква причина ова решение да се носи набрзина, затоа што е предвидено да се применува дури од 2029 година. Сметаат дека има доволно време владата да го повлече предлогот, да отвори вистинска јавна дебата и да обезбеди политички консензус за изборни правила што ќе имаат доверба кај сите.
Далиборка Демјанска Цветановска
