Ќе се зголеми ли старосната граница за пензионирање? Ова прашање повторно се отвара откако проблемите во ПИОМ деновиве по кој знае кој пат се тема во јавноста, но и дел од ревизорските извештаи.
Сепак, одговор на ова прашање треба да даде анализата која ќе ја прави ММФ. Министерката Кочоска тврди дека иако се разгледуваат можни решенија, владата за сега нема донесено одлука за било каква пензиска реформа. Ќе се чека документот од меѓународните институции.
Очекува една од нивните препораки да биде зголемување на старосната граница, иако таа лично не смета дека тоа треба да се направи туку да им се остави на работниците самите да одлучат дали ќе продолжат со работа, по исполнување на условите за одење во пензија.
Ги анализираме состојбите и врз основа на тоа ќе постапуваме. ММФ и Светска банка ќе направат анализа на пензискиот фонд, а потоа ќе дадат препораки. Ние се сложивме тие да работат, ќе се анализар и првиот и сите други столбови за да се види што се случува таму, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска
Кочоска тврди дека за годинава се обезбедени над 300 милиони евра кои од првиот треба да се префрлат во вториот пензиски фонд.
Економистите пак сметаат дека долгогодишните проблеми со ПИОМ сега повторно излегуваат на површина.
Неизбежно е зголемување на старосната граница за пензионирање. Тоа ќе мора да се случи, но, оваа Влада нема да го направи заради избори но некој ќе мора да го стори тоа. И се поизвесно е дека оние кои се дел и од вториот столб ќе паднат на товар на државата,изјави за Телма универзитетскиот професор Ванчо Узунов
Претходно и гувернерот Славевски кажа дека парите кои треба да ги земат идните пензионери од вториот столб нема да бидат ниту колку еден минималец. А ревизорите констатираа дека ПИОМ е неликвиден и доцни со исплатите во вториот столб и во ФЗО.
Не се продлабочува само дупката во ПИОМ. Со зголемува и дефицитот во државната каса. До крајот на годинава министерката Кочоска кажа дека ќе има ново задолжување на странски пазар, наместо на домашен како што првично се планирало.
Колкава ќе биде сумата допрва ќе се утврдува. Веќе се прибираат и понудите. Универзитетскиот професор Узунов смета дека без разлика дали е дома или надвор долгот расте и дека македонската економија освен со задолжувања, не може на друг начин да функционира.
Ирена Чачкова
