„Калимеро, Македонија и ЕУ – Нема правда“… Оваа уметничка акција со скулптурата на Калимеро, поставена на плоштадот кај КИМ, во центарот на Скопје, е со цел да нѐ потсетат на две различни, но тесно поврзани неправди, велат од групата „ Урбани уметнички акции“, во соопштение до јавноста. Од една страна, Калимеро гласно зборува за Македонија, која со години се соочува со бројни неправди и блокади на патот кон Европската Унија. Но, од друга страна, истиот тој Калимеро не може, а да не констатира дека, иако можеби за Македонија нема правда во процесот на европската интеграција, правда нема ниту во самата Македонија. Недоволното владеење на правото, корупцијата, нефункционалното судство и слабите институции се меѓу клучните забелешки што Европската Унија со години ги упатува кон државата која е заглавена на својот пат кон ЕУ. Токму затоа Калимеро гласно се спротивставува на ваквата состојба и потсетува дека без правда нема ниту достоинствен живот, ниту европска иднина.
– Во одередна смисла, Калимеро всушност го претставува обичниот граѓанин на Македонија кој секојдневно се соочува со неправди – од бавно и неефикасно судство, преку корупција, до проблемите во здравството, образованието и јавната администрација, места каде владее неправдата против која Калимеро се бори. Затоа пораката на оваа акција е едноставна: сите ние сме Калимеро. Со години ја бараме правдата, а сѐ почесто останува чувството дека за обичниот граѓанин таа е недостижна. Или, едноставно, како што би рекол Калимеро – „Нема правда!“ Преку оваа уметничка интервенција сакаме да поттикнеме јавна дебата за тоа дали правдата ќе остане само ветување или конечно ќе стане реалност – и во македонските институции, но и во односот на Европската Унија кон Македонија, велат од „ Урбани уметнички акции“.
Во спротивно, како и Калимеро кој на крајот секогаш некаде заминува, сѐ повеќе македонски граѓани ќе бидат принудени среќата, достоинството и правдата да ги бараат надвор од сопствената држава, додаваат од групата.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
