Вести Македонија Најважни

Пропаднат асфалт и непроодни и ризични патишта – жителите на Кисела Вода и Сопиште оставени без алтернативен правец

Распаднат асфалт, длабоки пукнатини и пропаднат коловоз. Вака со месеци изгледа патот кон Теферич, кој треба да ги поврзе општините Кисела Вода и Сопиште. Од безбедносни причини, околу свлечиштето е направен земјен насип. Но, и покрај предупредувањето, на терен може да се забележат возила кои и понатаму се обидуваат да поминат по оваа делница. И неколку месеци по свлечиштето на терен состојбата не е подобрена. Напротив, оштетувањето на коловозот е се поголемо.

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, не откри колку средства претходно се потрошени за реконструкција, не кажа ниту кога повторно патот ќе биде пуштен во употреба. Вели дека треба да се почека да завршат анализите и проектната документација.

„По завршување на анализата и оние процедури кои следат со проектот кој е во завршна фаза секако ќе видиме во каква состојба е патот и каква е нашата финансиска состојба бидејќи ние сепак работиме со буџет, односно со претходно предвидени финансии“, изјави Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалничка на општина Кисела Вода.

Од СДСМ обвинуваат дека подолго време бараат информации од јавен карактер за овој проект, но дека не добиваат одговори од општината.

„Ние постојано бараме информации. Еве и во овој момент сакаме да ни одговорат кој ја извршил последната реконструкција, како е избрана токму таа фирма, што точно тие направиле и дали утврдиле некои недостатоци при работење? Ние до денес немаме никаква информација добиена ниту од градоначалничката ниту од административната служба“, кажа Владимир Грујовски од СДСМ.

Градоначалничката ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека сите барања за информации од јавен карактер биле навремено доставени.

„Она што советниците од опозицијата пробуваат да го направат во општината е еден вид на напад за кој морам да кажам дека не им оди успешно. Значи се што е побарано од општината како информација од јавен карактер е дадено бидејќи тоа ни е законска обврска“, додаде Трајкоска.

На само неколку километри одовде се наоѓа уште еден пат кој не им служи на возачите. Патот кон Сончев Град, кој треба да ги поврзе Сопиште и Средно Водно, иако е изграден пред повеќе од една деценија, се уште не е пуштен за сообраќај. Наместо автомобили, денес најчесто го користат пешаци и рекреативци.

Од Владата најавуваат дека патот би можел да биде ставен во функција до крајот на годината, по проверките на неговата состојба.

Така, два соседни патни правци со различни причини, но ист исход – ниту едниот, ниту другиот во моментов не можат да им служат на возачите.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Секој ден во државата никнуваат по две нови диговрадби и тоа во зони со високоактивно сеизмичко подрачје

Tea Dimkovska

Кадровска реконструкција со нови биографии

Дејан Дејан

(Видео)Поплавени улици поради невремето кое го зафати Скопје – Кризниот штаб на градот мобилизиран

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе