Управниот суд ја укина одлуката со која на студентка ѝ беше поништен уписот на трет циклус студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, оценувајќи дека факултетот погрешно го применил Законот за високото образование.
Станува збор за еден од случаите поврзани со вонредниот инспекциски надзор на Државниот просветен инспекторат, по кој на 11 активни студенти им беше прекинато студирањето поради оценка дека не ги исполнувале условите за упис на докторски студии. Во пресудата, која сѐ уште не е правосилна и против која е дозволена жалба до Вишиот управен суд, Управниот суд ги поништува и решението на деканот и одлуката на Наставно-научниот совет со која бил одбиен приговорот на студентката.
Судот оценил дека факултетот донел незаконита одлука, бидејќи погрешно го толкувал Законот за високото образование. Според судот, законот бара кандидатот да има завршени академски студии од втор циклус и најмалку 300 ЕКТС кредити од првиот и вториот циклус заедно, но не прави разлика дали првиот циклус е академски или стручен.
Во конкретниот случај, судот утврдил дека студентката имала завршен прв циклус стручни студии со 180 ЕКТС кредити и втор циклус академски студии со 120 ЕКТС кредити, односно вкупно 300 ЕКТС кредити, со што ги исполнувала законските услови за запишување на докторски студии. Судот оценил дека ниту Законот за високото образование, ниту правилникот на УКИМ не предвидуваат завршените стручни студии од прв циклус да бидат пречка за упис на трет циклус.
Дополнително, Управниот суд утврдил дека факултетот и Државниот просветен инспекторат не ја утврдиле целосно фактичката состојба и не дале доволно законски аргументи зошто ЕКТС-кредитите стекнати на стручните студии не би се признавале при исполнување на условите за упис. Поради тоа, судот заклучил дека е направена погрешна примена на материјалното право.
Оваа пресуда доаѓа откако случајот предизвика силни реакции во јавноста. Засегнатите студенти претходно реагираа дека не сториле ништо незаконско, туку се запишале врз основа на условите и процедурите што им ги овозможил самиот факултет. Дополнително во реакцијата тие тврдеа дека редовно посетувале настава, полагале испити и ги исполнувале сите обврски, поради што сметаат дека не смеат да бидат казнети за евентуални институционални пропусти.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно зборуваше за неправилностите во високообразовните институции, а за случајот со Филозофскиот факултет посочи дека би сакала да верува дека станува збор за изолиран случај, но дека надлежните институции ќе утврдат дали има одговорност. Дополнително, Јаневска тогаш најави дека доколку се поништат уписите, можно е да се поништат и дипломите на осум лица кои веќе магистрирале на истиот факултет.
Теа Димковска
Дали случајот со незаконските уписи на Филозофски фрла сенка врз изборната трката за ректор на УКИМ?
