Зголемен број на колапси и интервенции, сепак во овој период од годината бројот на повици е очекуван велат од Итната медицинска помош. Промената на атмосферскиот притисок, влажноста на воздухот и варијација на надворешната температура се најчестите причини.
- Од 84 интервенции во текот на вчерашниот ден дури 7 биле колапси. Интервенирано е кај краток губиток на свеста и најчесто е измерен низок крвен притисок. И тоа се должи на дехидратацијата и на високите температури. Се почесто ги наоѓаме симптомите на метеоропатија како современа болест, односно болест на современото општество можеби затоа што многу сме одалечени од природата и секогаш кога го споменуваме тоа дека треба колку што можеме почесто да се враќаме на природата секој слободен момент да го искористиме во природа во шума на чист воздух – д-р Елена Карева -Пиловска, шеф на смена во Итна медицинска помош.
Луѓето со хронични болести, возрасните и децата треба да бидат многу внимателни во овие периоди во кои се соочуваме со разлики во температурата. Но се почести се колапсите и кај млади луѓе кои подолго време се изложени на топло.
- Топлотниот удар и колапсите не настануваат наеднаш. Всушност организмот ни дава сигнал неколку часа претходно. Со тоа што се чувствува замор, главоболка, некоја психичка и физичка исцрпеност и тоа треба да го превенираме – д-р Елена Карева -Пиловска, шеф на смена во Итна медицинска помош.
Граѓаните велат дека ги почитуваат препораките на здравствените лица, но имаат и обврски кои мора да ги завршат.
- Затоа што имам работа, морам да ја завршам. Нема некој во 6 или 7 да ми работи.
- Па кога си на работа каде можеш, ама сега во 12 одам на работа нели не треба да се излегува баш тогаш. Ама излегуваме кога мора да си на работа. Бираме сенки, светла облека, вода- велат граѓаните.
Лекарите со апел до граѓаните да бидат внимателни и со употребата на клима уредите во однос на разликите во температурата и секако истите да бидат соодветно исчистени.
Нина Стефанова
