Засегнати студенти излегоа со реакција за случајот со поништените уписи на Филозофскиот факултет при УКИМ, во кој на дел од нив им е прекинато студирањето поради наводно незаконско запишување на постдипломски студии.
Телма претходно објави дека единаесет активни студенти од насоката специјална едукација и рехабилитација останале без статус, откако Државниот просветен инспекторат утврдил неправилности во нивниот упис на магистерски и докторски студии. Дополнително, неизвесна е судбината и на уште осум лица кои веќе магистрирале, а според најавите од Министерството за образование, можно е да се преиспитуваат и нивните дипломи.
Институциите засега не ја исклучуваат можноста за одговорност кај оние кои ги одобриле уписите, додека министерката Весна Јаневска изјави дека конечниот збор ќе го имаат надлежните органи. Во реакцијата група студенти од Филозофскиот факултет тврдат дека не направиле ништо незаконско и дека стануваат жртва на институционален пропуст. Нивната реакција ја објави порталот МКД.мк.
Студентите посочуваат дека при уписот на втор и трет циклус студии постапувале согласно информациите добиени од факултетската администрација, а запишувањето било овозможено врз основа на важечките правилници. Според нив, регулативата дозволува кандидати со завршени стручни студии да продолжат на академски студии, доколку факултетот утврди дополнителни услови.
„Како е можно студентите да бидат обвинети за нешто што им било дозволено од самата институција? Во јавноста се пласира теза дека студентите наводно платиле повеќе средства. Тоа не е точно. Постојат докази дека студентите уредно се запишале, редовно посетувале настава, полагале испити, па дури и паѓале испити кај одредени професори. Сите уплати се направени согласно правилниците. Ниту еден студент нема платено повеќе од пропишаното. Во јавноста се пласираат и тврдења дека станува збор за деца на функционери или блиски до политички партии, но студентите во овој случај се обични луѓе – бидејќи доколку навистина беа деца на влијателни функционери, сигурно немаше да бидат изложени на ваков јавен линч, туку тивко и без проблем ќе ги завршеа своите магистерски и докторски студии“, прашуваат тие.
Студентите укажуваат и на поширок проблем, а тоа е неусогласеноста меѓу домашниот систем и Болоњскиот модел, според кој клучен критериум за напредување е бројот на ЕКТС кредити, а не типот на завршени студии. Тврдат дека имаат над 300 кредити, што во европската пракса е доволно за пристап до докторски студии. Дополнително, посочуваат дека вакви случаи не се изолирани и дека слични образовни патеки постоеле со години на повеќе факултети, без ретроактивни санкции.
„Самото Министерство признава дека студентите имаат право да напредуваат во студиите, а условите за упис ги утврдува универзитетот. Според ова, како е можно Министерството да тврди дека не е запознаено со случајот и дека ќе се одземаат стекнатите дипломи, кога постои официјален документ потпишан од самата министерка кое вели дека нема пречка во премин на трет циклус? Ако постоел системски проблем, тогаш тој требало да се реши со измена на законите, со измена на правилниците или со јасни критериуми, но не и со ретроактивно санкционирање на студентите и тоа само на Филозофски факултет, додека другите си уживаат во своите права како активни магистранди и докторанди на другите факултети на УКИМ. Целиот случај отвора едно многу сериозно прашање за функционирањето на институциите. Кога институциите не можат да ја преземат одговорноста за сопствените одлуки, системот удира по најслабата карика –студентите“ стои во реакцијата.
Во вакви околности, студентите бараат независна проверка на целиот случај и предупредуваат дека се создава опасен преседан, во кој одговорноста за системски пропусти се префрла врз оние кои имаат најмалку влијание, а тоа се студентите.
Во меѓувреме, дел од академската јавност предупредува дека случајот може да фрли сенка врз изборната трка за ректор на УКИМ, во која се натпреваруваат актуелната ректорка Биљана Ангелова и професорот Дарко Данев.
Т.Д.
Дали случајот со незаконските уписи на Филозофски фрла сенка врз изборната трката за ректор на УКИМ?
