Ракометарите на Охрид го освоија ЕХФ Европскиот куп, откако вечерва во салата „Билјанини Извори“ ја победија Татабања со 31-25 во реванш-финалниот натпревар. Охриѓани до првиот трофеј во својата историја, и тоа европски, стигнаа со двојна победа, бидејќи славеа и на првата средба во Унгарија со 29-28.
Македонскиот тим доминираше пред домашните навивачи, иако на полувремето имаше минимална предност од само 12-11. Најголем „виновник“ за тоа беше гостинскиот голман Ариан Андо, кој имаше дури 11 интервенции во првите 30 минути.
Во второто полувреме момците на тренерот Борис Ројевиќ беа многу посигурни во нападот. Охрид во неколку наврати имаше водство од пет голови, а Татабања најмногу се доближи на само два гола негатива. Домашниот тим покажа квалитет и искуство во финишот и мирно го затвори натпреварот за конечни 31-25.
Косуке Јасухира беше најефикасен во тимот на Охрид со девет голови и одлично го замени најдобриот стрелец Анте Иванковиќ, кој заработи директен црвен картон уште во 20-тата минута. Тилен Стрмљан постигна шест голови, Томислав Јагуриновски реализираше четири, а Кристијан Пилиповиќ на голот имаше 13 интервенции.
Охрид го наследи Алкалоид на тронот во ЕХФ Европскиот куп, откако скопскиот клуб лани го освои ова натпреварување. Европскиот пехар останува во Македонија.
