Најмалку петмина полицајци загинаа, а повеќе се ранети, во израелски воздушен напад врз палестински полициски пункт извршен денеска во северниот дел на Појасот Газа, соопшти палестинската полиција.
Во соопштението се наведува дека две израелски ракети го погодиле полицискиот пункт во областа Тавам.
Полициската управа на Газа е задолжена за безбедноста во областите на Појасот Газа кои по воспоставувањето на примирјето во октомври се под контрола на палестинската милитантна група Хамас.
Околу 10.000 полицајци на Хамас претставуваат спорна точка во разговорите за унапредување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, бидејќи Хамас бара да биде вклучен во новите полициски сили предвидени со мировниот план. Меѓутоа, Израел се противи на учеството на кој било поединец поврзан со Хамас во палестинската полиција.
Мировните разговори се во застој и поради одбивањето на Хамас да го предаде оружјето, како и поради речиси секојдневните израелски напади врз окупираната палестинска енклава, во кои од воспоставувањето на примирјето, според евиденцијата на палестинските здравствени функционери, се убиени повеќе од 880 Палестинци.
Израелската војска засега не го коментира нападот.
