Белградскиот плоштад Славија се полни пред големиот протестен митинг организиран од студентите, кој ќе се одржи вечерва, и од кој тие ќе побараат демократизација на земјата и одржување на вонредни парламентарни избори. За разлика од претходните протести кои ги одржуваа во српската престолнина, овој пат студентите најавуваат дека на нив многу повеќе ќе се зборува за решенија, наместо за проблемите.
Се надеваме дека многу голем број граѓани ќе излезат и убаво ќе го поминат денот со нас овде на Славија, и дека потоа ќе продолжат да се вклучуваат во поддршката за студентите, затоа што подготвуваме избори, а за подготовката на изборите ни е потребен голем број луѓе, за да можеме да ги контролираме тие избори, да не се случи повторно изборна кражба, што знаеме дека не е демократско. На Србија ѝ е потребна промена, изјави исидора јовановиќ, членка на студенсткото движење „Студентите победуваат“.
Иако студентското движење, кое произлезе од речиси веќе 18 месечните протести во Србија, има широка поддршка од општеството и опозицијата за својот отпор, сепак тоа категорично одбива формирање заедничка листа на евентуалните предвремени избори со било која од опозициските партии. Студентите се решени самостојно да настапат на нив.
Првичните протести со молчење беа заменети со маршеви низ повеќе градови, по нив следуваа блокади на факултетите, па акции за собирање потписи и барања за распишување предвремени избори, за на крајот студентите да формираат свои листи на кандидати.
Конечно имаме политичка група која може да им се спротивстави на СНС и Александар Вучиќ. Секако, постојат одредени разлика, постојат проблеми во комуникацијата помеѓу студентите и проевропската, граѓанската опозиција, десничарската и национална опозиција, што во одредена мерка се отсликува и во анкетите. Но, и покрај тоа што студентите прават грешки, како што правиме и сите ние, тие грешки не ги задржуваат, и тие некако успеваат без штета, или со не толку голема штета да излезат од тие проблеми што ги имаат. И понатаму имаат голема поддршка во Србија и може да очекуваат да постигнат одличен резултат на изборите, вели професорот по политички науки душан вучевиќ.
Претседателот Александар Вучиќ, чија партија СНС најави контра собир на истото место од 26 до 29 мај, во повеќе наврати изминативе месеци најавува избори, без конкретен датум.
Избори нѐ очекуваат во рок од два или шест месеци. Како што видовте и на локалните избори, никој нема да окупира никакви општини, собранија и што било друго. Сѐ зависи од граѓаните. Граѓаните ќе одлучат, изјави пред две недели српскиот претседател.
Денешниот протестен митинг е четвртиот голем собир на студентите откако започнаа нивните протести поттикнати од смртта на 16 луѓе, при падот на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Игор Трајков
