Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Куба „отсекогаш претставувала закана за националната безбедност“ на Соединетите Американски Држави, обвинувајќи ја Хавана дека е домаќин на руски и кинески разузнавачки структури.
Говорејќи пред новинарите во Мајами, непосредно пред заминувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска, а потоа и за Индија, Рубио порача дека Вашингтон внимателно ги следи случувањата во регионот, но избегна директно да коментира можни воени сценарија.
„Куба не само што поседува оружје набавено од Русија и Кина низ годините, туку и е домаќин на руско и кинеско разузнавачко присуство, недалеку од местото каде што стоиме денес. Куба отсекогаш претставувала закана за националната безбедност на САД“, изјави Рубио.
Тој додаде дека американската администрација преферира дипломатски решенија, но нагласи дека претседателот има „обврска“ да реагира доколку постои закана за безбедноста на земјата.
„Нашата преференција, во Куба и секаде во светот, е дипломатско и преговарачко решение. Но ако постои закана за националната безбедност на Соединетите Држави, претседателот не само што има право, туку има и обврска да одговори“, рече тој.
Рубио се осврна и на обвинението против Раул Кастро, поднесено од голема порота во Јужна Флорида, поврзано со соборувањето цивилни авиони во минатото. Тој одби да открие дали и како САД би се обиделе да го приведат поранешниот кубански лидер.
„Во тој момент тој станува бегалец од американската правда“, изјави Рубио, избегнувајќи дополнителни детали.
Во однос на Иран, американскиот државен секретар оцени дека постојат „добри знаци“ во тековните разговори, но предупреди дека Вашингтон и натаму разгледува и „други опции“.
Тој изрази разочараност од, како што рече, недоволната подготвеност на дел од сојузниците во НАТО поактивно да се вклучат во притисокот врз Техеран.
„Многу земји се согласуваат дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и дека претставува закана за светот. Но кога САД преземаат конкретни чекори, сите се повлекуваат“, рече Рубио.
Посебно предупредување упати и за можноста Иран да воведе систем за наплата на поминување низ Ормускиот теснец, оценувајќи дека таков потег би бил „неприфатлив“ и „нелегален“.
„Никој во светот не е за воведување систем за наплата во теснецот. Тоа не може да се случи. Таков чекор би го направил дипломатскиот договор невозможен“, изјави Рубио.
