Вести Свет Топ вести

Повеќе држави жестоко го критикуваа израелскиот министер Бен Гвир заради исмевање на врзани активисти од флотилата за Газа

Се зголемува меѓународната осуда за однесувањето на Израел кон про-палестинските активисти кои се наоѓаа на бродовите од хуманитарната флотила што се движеше кон Газа и беше пресретната од израелските поморски сили.

Обединетото Кралство, Франција, Италија, Канада и САД беа меѓу земјите кои изразија огорченост откако израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, објави видео на кое се гледа како им се потсмева на активисти кои клечат со врзани раце зад грб.

Неговото постапување дури предизвика и ретка критика од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој изјави дека тоа „не е во согласност со вредностите на Израел“.

Организација за човекови права што ги застапува 430-те учесници од повеќе од 40 земји во „Глобалната флотила Сумуд“ побара нивно ослободување.

Флотилата, која носеше симболична количина помош, тргна со цел да ги истакне тешките услови за Палестинците во појасот Газа, кој беше уништен во Израелските напади.

Израел ја отфрли како „ПР-акција во служба на Хамас“.

Повеќе од 50 брода кои беа дел од „Глобалната флотила Сумуд“ отпловија од Турција минатиот четврток.

Во понеделник наутро, вооружени израелски поморски командоси почнаа да ја пресретнуваат флотата во меѓународни води западно од Кипар, околу 250 наутички милји (460 км) од брегот на Газа, кој е под израелска поморска блокада.

Организаторите на флотилата соопштија дека сите бродови биле пресретнати до вторник навечер, при што еден успеал да се приближи до 80 наутички милји од палестинската територија.

Тие го обвинија Израел за „незаконска агресија на отворено море“ и изјавија дека израелските командоси отвориле оган врз шест бродови, користеле водени топови и намерно удриле во едно пловило.

Денеска наутро, израелската организација за човекови права „Адалa“ соопшти дека активистите биле „однесени на израелска територија целосно против нивна волја“ и задржани во пристаништето Ашдод.

Попладнето, Бен-Гвир – ултранационалист кој како министер за национална безбедност има контрола над израелската полиција – објави видео на социјалните мрежи, со наслов „Добредојдовте во Израел“.

На видеото се гледа како тој го посетува центарот за притвор во пристаништето Ашдод каде се држат активистите.

Се гледа како ги охрабрува безбедносните сили додека туркаат жена-активистка која извикува „Слобода за Палестина“додека тој поминува покрај неа.

Потоа Бен-Гвир е прикажан како мавта со големо израелско знаме покрај десетици активисти кои клечат на земја со врзани раце зад грб. Тој им вели на хебрејски: „Добредојдовте во Израел. Ние сме господарите.“

Други активисти се прикажани како клечат на палубата на брод додека се свири израелската национална химна.

Италија, Франција, Канада, Холандија, Белгија и Шпанија изјавија дека постапките на Бен-Гвир се „неприфатливи“ и ги повикаа своите амбасадори во Израел на разговор.

„Неподносливо е овие демонстранти, меѓу кои има многу италијански граѓани, да бидат изложени на ваков третман кој го нарушува човечкото достоинство,“ изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони, додавајќи дека нејзината земја бара и извинување.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, изрази „огорченост“ и побара француските државјани „да бидат третирани со почит и веднаш ослободени“.

Неговата канадска колешка, Анита Ананд, изјави дека видеото е „длабоко вознемирувачко“ и „прашање што го сфаќаме многу, многу сериозно“.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер изјави дека е „навистина згрозена“ од видеото.

„Во контакт сме со семејствата на неколку британски државјани вклучени во ова, за да им обезбедиме конзуларна поддршка,“ додаде таа.

„Побаравме објаснување од израелските власти и јасно ги истакнавме нивните обврски да ги заштитат правата на нашите граѓани и сите вклучени.“

Ирската министерка за надворешни работи Хелен Мекинти изјави дека видеото покажува оти „нелегално притворените учесници во Глобалната флотила Сумуд, меѓу кои има и ирски државјани, не се третираат со соодветно достоинство или почит“.

Дури и американскиот амбасадор во Израел, еден од најголемите поддржувачи на екстремно десничарската владата на Нетанјаху, Мајк Хакаби, ги нарече постапките на Бен-Гвир „одвратни“.

Н.И

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ДУИ: На самитот на НАТО во Турција нема ниту еден Албанец во државната делегација

Tea Dimkovska

Велешанка со нож го прободела вонбрачниот сопруг по семејно насилство

Дејан Дејан

Инфлацијата во јуни со пад од 0,5% споредено со мај – годишно повисока за 3,4 отсто

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе