Битола утрово се разбуди со фемицид, трагедија што повторно го отвори прашањето за семејното насилство. Во населбата Баир, 33-годишен маж со нож ја усмртил својата 31 годишна сопруга Ајнет, во домот на нејзиниот татко. Според информациите од истрагата, нападот се случил околу 6:40 часот наутро. Осомничениот влегол во куќата, се упатил кон собата каде што спиела и ја нападнал со нож. Жената починала на самото место од здобиените повреди. Соседите и роднините велат дека сопружниците подолго време не живееле заедно и дека имале меѓусбени недоразбирањe по што Ајнет со четирите деца се вратила кај своите родители, но сопругот постојано ја вознемирувал.
„Го остави него, си ги зеде децата. Брат ми ги гледаше децата. Тој нон-стоп се закануваше. Ѝ велевме на Ајтен да го пријави, ама децата и велеа немој да го пријавува“, изјави тетката на жртвата, Надире Вејсел.
„Утрово внук ми ми рече оди, девојчето го прободе со нож. Тргнав кај нив, го видов со неговите како одат нагоре. Изгледа тие повикале Брза помош. Стигнав тука, ги видов докторите, не ме оставија да влезам“, рече чичкото Ахмет Вејсел.
Полициско возило го обезбедуваше и домот на родителите на жртвата и домаот на осмничениот . Од СВР Битола потврдија дека тој е уапсен и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода А.Р. (33) од Битола. Тој се сомничи дека утрово околу 06:40 часот со нож ја нападнал неговата сопруга А.В. (31) од Битола, со која не живееле заедно, а која од здобиените повреди починала на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Лицето е задржано во полициска станица“, изјави Горце Андреевски од МВР.
Обвинителството веќе извршило увид, а од местото се подигнати докази и е наредена обдукција.
Емилиja Мисирлиевски
