Откако неколкугодишната битка ја загуби во Македонија, сега правдата ќе ја бара во судот за човекови права во Стразбур. Багерите и камионите започнаа да го градат станбено деловниот комплекс во Сопиште, веднаш до домот на Костаке Милков, кој уште еднаш предупредува на урбанистичкиот хаос кој ќе настане во општината.
Наместо зона за индивидуално домување, Милков обвинува дека е направена злоупотреба од општината бидејќи нема детален урбанистички план и издадено е одобрение за градење како зона за станбено домување.
На 3.000 квадратни метри ќе никнат три згради и трговски центар.
Дотаму пристапната улица е само 3 до 3,5 метри. Според законот кој што тие го имаат ставено во нивниот план противпожарната служба мора да има пристап за такви објекти од пат од 6 метри. Плус радиус од 8 метри. Пред да се добие дозвола за градење обработливото земјиште треба да биде пренаменето во градежно земјиште. До денешен ден двата плаца се водат како нива. На едниот е покренато барање да се пренамени, а на другиот плац што тековно се работи, се гради тој уште си стои нива. Како општина Сопиште дозволила да се добие таква дозвола, вели Милков.
Од општината пак за Телма велат дека одобриеното за градење е од 3 јануари 2022 година, а е правосилно од 19 март годинава со пресуда на Вишиот управен суд. Милков се жалел најпрвин во Управниот, а потоа и во повисокиот суд. Жалбите биле одбиени како неосновани. Сега ќе се жали надвор од границите на државата.
Се разбира јас понатаму ги преземам сите можни правни чекори. Следниот мој чекор ќе биде судот во Стразбур за човекови права и сите други можни инстанци во Македонија кои дозволуваат на легален пат да ја соочувам државата, додава тој.
Милков упати апел и до Министерството за транспорт и врски и другите надлежни институции како обвинителството да отвори случај по допрен глас и да провери дали се запазени законите при издавањето на одобрението за градба.
Тој пред неколку месеци имал и средба со новиот градоначалник на општината кој му одговорил дека треба да се запознае со ситуацијата, но оттогаш останале неми на неговите укажувања.
Симона Петровска
