Ден пред истекот на примирјето меѓу Соединетите држави и Иран, сѐ уште е нејасно дали воопшто ќе се одржат преговорите за негово продолжување. По воведувањето на американската поморска блокада на Иран во Оманскиот залив, а особено заплената на ирански товарен брод, Техеран тврди дека сѐ уште нема одлука дали да продолжат со мировниот процес.
Исламабад е подготвен повторно да ги угости двете делегации, но засега од нив нема ниту трага, ниту глас.
Американската делегација, повторно предводена од потпретседателот ЏД Венс, требаше вчера да пристигне во пакистанската престолнина, и по повеќе часовна збунетост, американските медиуми конечно утврдија дека тој не го напуштил Вашингтон. Последната информација од Белата куќа е дека тој, придружен од Стив Виткоф и Џеред Кушнер, денеска ќе заминат за Исламабад.
Во Техеран пак, државните медиуми повторуваат една иста порака уште од викендот, Исламската република сѐ уште не решила дали воопшто сака да продолжи да преговара со САД.
Наместо дипломатски јазик за подготвување терен мировниот процес да продолжи, напротив, и од Вашингтон и од Техеран излегуваат се по пркосни пораки. Американскиот претседател изјави дека продолжување на примирјето се чини тешко веројатно, додека пак претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф порача дека Иран сега има подобри карти во рацете.
Игор Трајков
