Откако првично најави историска средба меѓу претседателот на Либан, Жозеф Аун и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, по што од Бејрут демантираа дека воопшто имаат намера да преговараат со Израел се додека не биде постигнат договор за прекин на огнот меѓу израелската влада и Хезболах, американскиот претседател, Доналд Трамп на својот профил на соц. мрежа Truth Social напиша дека лидерите на двете земји се согласиле дека вечерва од 23 часот на сила ќе стапи 10-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Либан.
Во објавата на Трамп ниту со еден збор не се споменува дали прекинот на огнот го прифаќа Хезболах, про-иранската шиитска милитантна група, која всушност и лансира проектили кон Израел.
Израел досега не само што не размислуваше за договор за прекин на огнот, туку спроведуваше безмилосното уништување на инфраструктурата во Јужен Либан, каде срамнети со земја беа цели села, над милион луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови а денеска со два проектили беше уништен и последниот мост преку реката Литани, единствената врска меѓу Јужен Либан и останатиот дел од земјата.
Претходно, прес конференција одржа и Пит Хегсет, актуелен министер за одбрана на Соединетите американски држави а поранешен војник и водител на утринската програма на омилениот тв канал на Доналд Трамп, Фокс Њуз. Тој апелираше до иранските власти мудро да изберат, ги опиша медиумите кои го критикуваат американскиот претседател Доналд Трамп дека се однесуваат како фарисеите во Библијата и ги нападна европските и азиските земји затоа што не побрзале веднаш да им помогнат на Соединетите држави да се справат со блокадата на Ормутскиот теснец, откако Трамп во договор со Нетанјаху, без да се консултира со било кого, одлучи да започне со жестоко бомбардирање на Иран, предизвикувајќи ја на тој начин и кризата со транзитот на нафтата.
„И до Иран: изберете мудро. Се молам да изберете договор, кој ви е на дофат, за доброто на вашиот народ и за доброто на светот. Во меѓувреме, Министерството за одбрана е подготвено и во целосна борбена готовност“ – изјави Пит Хегсет.
Шефот на генералштабот на американската војска, Ден Кејн, информираше дека досега 13 бродови го направиле мудриот избор и се вратиле назад, откако тоа од нив го побарале воените бродови на американската морнарица кои ја спроведуваат наредбата на Трамп за блокада на иранските пристаништа.
Тој додаде и дека оваа блокада со која американците не дозволуваат ниту еден брод да ги напушти или влезе во иранските пристаништа, ќе трае толку колку што ќе биде потребно.
Никола Илиевски
