Ниту Миодраг Дака Давидовиќ, ниту било која негова компанија или компанија поврзана со него ќе гради во Македонија, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма, откако контроверзниот црногорски бизнисмен се најде во годишниот план за инвестиции на министерката за енергетика за изградба на енергетски објект во Штипско.
„Добро, еве да не сме само негативни. Опозицијата ова го истакна. Условно кажано, имаме рано предупредување и нашиот став е јасен, дека нема да дозволиме да се гради и нема да се гради енергетски објект или било каков објект кој што е поврзан со него или со компании поврзани со него“, порача Николоски.
Тој појасни дека изградбата на енергетски објект е долга процедура, а годишниот план, како што додаде, е само иницијален план кој ги утврдува стартните позиции.
„Има бројни чекори кои што доаѓаат потоа. Дали е тоа урбанизацијата, дали е еколошката студија, дали е студијата за влијание врз социјалната средина и на крај овластувањето што треба да го издаде министерството за енергетика, кое што го потврдува владата. Дури тогаш, кога доаѓа фазата на овластување, се бара банкарска гаранција во вредност од најмалку 25.000 евра по мегават, со цел да се гарантира дека инвестицијата ќе се реализира. И тогаш се проверува потекло на капитал и сопственост на компаниите“, истакна Николоски.
Инаку, Миодраг Дака Давидовиќ е на црната листа на САД поради сомнежи за перење пари.
С.Д.
