Вести Македонија Топ вести

Ако никој не сака да руши во Општина Чаир, ќе се вклучи ЈП Улици и патишта

Општина Чаир има План Б ако никој не се јави ниту на повторениот тендер за уривање дивоградби. Ако повторно не се јави никој, дивоградбите во Општината ќе ги урива ЈП Улици и патишта. Во Чаир велат дека заради навремено и ефикасно постапување, паралелно ги водат двете постапки – тендерот за избор на фирма за уривање, но и соработката со Град Скопје.

„Општината има подготвен алтернативен пристап, кој предвидува институционална соработка со Градот Скопје за реализација на активностите поврзани со уривање на бесправно изградени објекти. Во таа насока, веќе е започната постапка со Советот на Општината Чаир за воспоставување на ваква соработка, со цел да се обезбеди законско и оперативно решение“, велат во Општина Чаир.

Телма веќе пишуваше за надградба врз доградбата на станбена зграда на скопски Бит-пазар. Општинските инспектори констатирале дека се работи за дивоградба, но не се знае кој гради, и издале налог за уривање, но на тендерот на Општина Чаир за избор на фирма за уривање на дивоградбите не се јавил никој. Општината најави распишување на нов тендер.

Скопските општини Центар и Карпош веќе склучија договори за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за дивоградбите кај нив да ги урива ЈП Улици и патишта, кое е во сопственост на Градот. Град Скопје нема градежни инспектори, но нивната фирма има механизација. Кога општините ќе го наплатат уривањето од сопствениците на дивоградбите, тогаш ќе му платат на Улици и патишта. На овој начин веќе беа урнати бесправно изградени објекти во Карпош и во Центар, од кои најпознати се дискотеките во Градскиот парк, но и некои монтажни објекти на јавен простор.

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вели дека веќе има склучено договори за меѓуопштинска соработка со скоро сите општини, а Улици и патишта веќе почнало да урива дивоградби.

„Има уште дел од општините со коишто во наредниот период ќе ги довршиме формално тие процеси со гласање на Совет на Градот Скопје, но и во дадената општина на тие одлуки за да може и ние да постапуваме таму, секако, по барање на општините. Што се однесува до Општина Чаир, ние веќе ја поминавме процедурата во Град Скопје, мислам дека на 7 или на 8 има седница на Советот на Општина Чаир каде што и тие треба да ја поминат постапката со што веднаш би можеле ние да постапуваме на територијата на Општина Чаир“, вели градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Градежните инспектори велат дека ова е добро решение за справување со дивоградбите, но предупредуваат на проблеми.

„Наплатата на трошоците оди многу тешко, затоа што градежниот инспектор издава решение за наплата на трошоци, на кое има право на жалба. Познавајќи ги сите тие редовни и вонредни правни лекови што инвеститорите, односно во конкретните случаи извршениците може да ги користат, наплатата на тие трошоци знае да биде направена после две-три години“, рече Златко Бојаџиев, претседател на Здружението на градежни инспектори.

Досегашната пракса покажува дека решенијата за уривање на дивоградби се одолговлекуваат со години.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел и Либан донеле одлука за примирје на целата либанска територија

Kristina Kuzmanovski

Германија за првпат не успеа да освои непостојано место во Советот за безбедност на ОН

Дејан Дејан

Тензии меѓу Белград и Подгорица пред Самитот со ЕУ во Тиват – тајната служба го советува Вучиќ да не патува

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе