На Филозофскиот факултет беше промовирана книгата „Антологија на античката лирика“. Станува збор за еден разновиден корпус во кој се опфатени речиси сите досега преведени и објавени песни од антиката на македонски јазик, кој е дополнет со нови препеви на песни пронајдени на папируси или на други медиуми, а кои не се дел од постарите изданија. Со тоа, ова издание создава целина што првпат ја обединува поетската традиција на античкиот свет.
Секој препев во „Антологија на античката лирика“ е нов авторски текст што ја збогатува македонската културна ризница и ја внесува нашата земја во светската традиција на класични антологии. Станува збор за капитален потфат чиј приредувачи се професорите Весна Томовска, Даниела Тошева и Војислав Саракински, проект кој е мост меѓу древноста и современоста и во кој е вложена огромна научна и творечка сила, забележа деканот Бакрески.
- Со оваа Антологија не само што се оживува класичната книжевност, туку се потврдува нејзината актуелност и нејзината способност да биде дел од нашата современа духовност. Нашите професори со ова дело ја потврдуваат својата улога како преведувачи и толкувачи на класичната книжевност, а Филозофскиот факултет уште еднаш ја зацврстува својата позиција како институција што ја негува и што ја афирмира класичната цивилизација- изјави проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофски факултет.
Станува збор за обемен избор од песни кои се создадени во Античка Хелада и Рим во препев од старогрчки и латински на повеќе поколенија наши преведувачи, препеви на Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски.
- Особено е значајно што ова издание вклучува и текстови кои што до сега не беа достапни на македонски јазик. За првпат во една целина е претставена и хеленистичката лирика заедно со нови песни од римската поезија. Со тоа не само што се пополнува една празнина, туку суштински се проширува нашиот културен и научен хоризонт- изјави проф.д-р Ратко Дуев, промотор и рецензент на делото.
- Античката лирика не е само уметност на зборот, туку и извор преку кој се изучува историјата- рече проф.д-р Даниела Тошева, Институт за класични студии.
Во „Антологија на античката лирика “ во издание на книгоиздателството „Чудна шума“ на 550 страници се застапени 110 поети со обемни придружни текстови за периодите и жанровите.
Нина Стефанова
Б.С.
