Вести Свет Топ вести

Почина 25-годишната Ноелија Кастиљо по одобрена евтаназија во Шпанија

Згасна животот на 25-годишната Ноелија Кастиљо која по двегодишно барање за евтаназија вчера доби лекови и почина. Таа две години водеше правна битка против своето семејство за правото да одлучи сама за својот живот. Минувајќи низ шпанските, а понатаму и низ европските судови и беше одобрена евтаназијата со која нејзиното семејство до последен момент не се согласуваше.
И покрај потврдата од медицинските лица дека Ноелија живее во неизлечива траума, нејзиниот татко паралелно водеше битка дека неговата ќерка сепак има шанса и може да се излечи.

„Среќата на таткото и мајката не треба да претходат пред среќата на ќерката“ беа меѓу последните јавно кажани зборови на Ноелија за една шпанска телевизија. Таа тогаш во тоа интервју отворено зборуваше дека нејзиниот живот е мрачен и дека физичките болки се исто толку големи како и психичките, потенцирајќи дека не може да продолжи и дека сака нејзината одлука да биде испочитувана од нејзиното семејство, без разлика на болката која ќе ја предизвика.

Контроверзната битка на Ноелија за правото на евтаназија не само што ја покрена јавната дебата во Шпанија, туку и низ целиот свет. Нејзината приказна се рашири низ интернетот, каде бројни луѓе коментираа дека системот не успеал да ја заштити и дека таа е жртва која не е спасена од државата. Од друга страна, многу луѓе ја поддржаа одлуката на Ноелија, бидејќи освен физичката, и психичката болка може да биде неиздржлива, која понатаму може да доведе до трајно психолошко растројство, кое во случајот и било потврдено на 25-годишната Кастељо.

Според нејзиното сведоштво, болката и траумата на Ноелија започнала уште од најрана возраст. Кога била тинејџерка и било дијагностицирано опсесивно-компулсивно растројство и гранично растројство на личноста. Кулминацијата на влошување на нејзината психичка состојба се случила во 2022 година кога била жртва на напад од банда. Тогаш таа се обидела да го одземе животот. Таа останала жива, но со траен инвалидитет. По бројни испитувања и медицински мислења било установено дека нејзината состојба значително се влошила. А самата Кастељо во 2024 година го започнала процесот за одобрување на евтаназија. Ноелија во едно од интервјуата за шпанските медиуми раскажала и за нејзината состојба поврзана со спиењето. За неа спиењето било многу тешко, со дополнителни болки во грбот и нозете, сепак психичката болка била многу поголема уште пред да се случи физичката.

Во Шпанија, евтаназијата е легализирана во 2021 година. Пациентите мора да имаат потврда и од медицински лица дека нивната болест е сериозна, хронична и неизлечива. Од нив се бара да поднесат две барања, доброволно и без никаков надворешен притисок, со пауза од најмалку 15 календарски дена помеѓу двете.

Во Европа девет земји имаат донесено закон со што ја дозволуваат евтаназијата. Меѓу нив се Холандија, Белгија и Луксембург. Холандија беше првата земја во светот што ја легализираше евтаназијата во 2002 година. Белгија по Холандија ја декриминализираше евтаназијата под специфични околности во истата година. Постапката мора да ја побара пациентот, кој во моментот на барањето мора да биде со здрава душевна свест. Пациентот мора да страда од терминална медицинска состојба и да има постојано и неподносливо физичко и/или психолошко страдање кое не може да се ублажи. Во 2009 година, Луксембург го усвои законот само под услови болката и страдањето да се сметаат за неподносливи. За да се побара постапката, пациентот мора да има неизлечива медицинска состојба како резултат на несреќа или болест. Барањето мора да се поднесе додека пациентот е свесен, полнолетен и способен да донесува сопствени одлуки без надворешен притисок.

Австрија е меѓу последните европски земји кои ја дозволи евтаназијата во 2022 година. Во Франција, претседателот Емануел Макрон вети дека ќе го декриминализира ваквиот чин по неговиот реизбор во 2022 година. Контроверзиите се околу законот уште од неговото официјално предлагање во 2024 година. Оттогаш, текстот е во процес на преговарање меѓу Националното собрание и Сенатот. Процесот е се уште отворен, а следниот чекор е вото читање во Сенатот.

Португалскиот парламент го усвои закон во 2023 година, но тој сè уште не е стапен во сила. Двапати беше ветено од португалскиот претседател и оспорено од уставниот суд на земјата. Минатата година во Малта започна јавна дебата за поднесување на ваков закон додека во Словенија, необврзувачкиот референдум во 2024 година го поддржа воведувањето на евтаназија, со што законот се усвои во Народното собрание во 2025 година, кој потоа преку вториот референдум беше отфрлен со 53 отсто од гласачите. Неговата имплементација сега ќе биде суспендирана најмалку една година.

Т.Д.

Контроверзен случај на евтаназија во Шпанија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Пронајдена поголема количина кокаин – маж од скопски Брест лишен од слобода

Дејан Дејан

Осомничениот за нападот во Берлин е застрелан од полицијата во момент кога сакал да нападне со остар предмет

Дејан Дејан

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе