Вести Македонија Топ вести

Наоди од локалните избори: Супстандардни избирачки места и ограничена пристапност во Пелагонија

Младинскиот културен центар од Битола ги презентираше наодите од набљудувањето на ланските локални избори во Пелагонискиот регион – избирачки места во тесни и запуштени простории, недостапни за лицата со инвалидитет, а регистрирани се и технички и административни пропусти. Сепак, велат овие забелешки не фрлаат сенка на изборните резултати, но отвораат простор за дебата за унпаредување на изборниот процес.

Избирачки места во несоодветни објекти, тесни простории од неколку квадратни метри и објекти запуштени со децении. Ваква слика затекнаа набљудувачите на Младинскиот културен центар од Битола за време на локалните избори 2025 во Пелагонискиот регион. Особено загрижува, велат, што дел од локациите, посебно во руралните средини се непристапни за лицата со телесен инвалидитет.

„Некои услови беа субстандардни, почнувајќи од избирачки места сместени во црковни трпезарии до минимални простории од неколку квадратни метри, каде немаше доволно простор за избирачките одбори, а да не зборуваме за присуство на набљудувачи и гласачи – беше претесно. За пристап на лица со инвалидитет, особено во руралните средини, не може ниту да се зборува, бидејќи некои објекти се руинирани и запуштени со децении“, изјави набљудувачот Филип Етмишовски.

Набљудувачите нотирале и неправилности. Дел биле легитимирани од неповикани полициски службеници на избирачките места, иако тие треба да бидат на најмалку сто метри. Избирачките одбори на глас ги читале личните податоци на гласачите, времето на уредите за биометриска идентификација заостанувало 8 минути, што создало временски вакуум на почетокот и крајот од денот. Сепак, оценката за процесот останува позитивна.

„Изборниот ден помина во мирна и демократска атмосфера и граѓаните можеа слободно да го изразат своето гласачко право. Она што нашите набљудувачи го забележаа се технички и административни недостатоци кои не влијаат на конечниот исход на изборите, но се многу значајни бидејќи отвораат прашања за реформа на изборната регулатива“, вели Златко Талевски од МКЦ.

МКЦ ангажираше 20 набљудувачи во 10 мобилни тимови, кои покрија пет општини – Битола, Ресен, Демир Хисар, Могила и Новаци. Опфатени беа 40 проценти од избирачките места во првиот круг на минатогодишните локлани избори и сите во вториот, кој се одржа само во Могила.

Емилија Мисирлиевски

Дигитална обработка: Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Приведени осуммина кај кои полицијата пронашла дрога

Дејан Дејан

Во село Лабуништа пронајден човечки череп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе