Системот „Сејф сити“ продолжува да функционира уреден како досега, уставните судии ги отфрлија сите иницијативи со кои се спореа законските измени. Ова следува откако дел од опозициските пратеници кон крајот на јануари најдоа замерки на некои одредби од Законот за прекршоци.
Судот ја измери уставноста – законското решение е скроено по мерка. Оспорени беа одредбите околу известувањата и употребата на јазиците, обврската на граѓаните да поседуваат мобилен телефон и електронска адреса, како и примената на системот само во одредени градови, а не на целата територија на државата.
Трите иницијативи беа споени во еден предмет, а дојдоа од различни подносители. Во судскиот материјал, фигурираа двете крила на Алијанса за Албанците, предводени од Села и Таравари и една иницијатива од Или Пачуку. Дел од судиите позитивно ги анализираа наводите од иницијативите.
„Отсуството на јасна законска гаранција дека ваквите известувања ќе се вршат на службените јазици утврдени со Уставот, создава правна празнина која може да доведе до повреда на уставниот режим на употреба на јазиците“, кажа Насер Ајдари, судија во Уставниот суд.
„Дали Законот чии одредби се оспоруваат обезбедува соодветна заштита на личните податоци? Една важна уставна категорија која се однесува на личните права на граѓаните санкционирани и уредени со нашиот Устав“, кажа уставниот судија Осман Кадриу.
Претседателот на Уставен, Костадиновски, како и судијката Павловска-Данева при дебатата јасно порачаа дека во иницијативите нема основ за поведување постапка.
„Според сите статистики, нашата држава е европски рекордер по жртви настанати во сообраќајни несреќи. И тоа е наша реалност. Тоа значи дека возилата станале оружје. Епа тој што сака да вози возило, ќе си поседува и мобилен телефон, а ќе си поседува и меил. Затоа што живееме во таков свет. Ако не – ќе си оди со коњ, ако е можно и каде е можно“, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
„Во ера на дигитализација, па јас не знам ние како да се дигитализира ова наше општество, за жал, кое е на дното – ако ние немаме компјутери, мобилни и притоа тврдиме дека не треба да имаме. А, деца во прво одделение имаат мобилни и им служат за игра. Реално да зборуваме иако ова е настрана од Уставот и од Законот“, додаде Ана Павловска-Данева, уставна судијка.
Собранието на 23 јануари по скратена постапка ги усвои измените и дополнувањата на Законот за прекршоци, отворајќи го патот за автоматско снимање и санкционирање на прекршоците.
Петар Догов
https://youtu.be/PKrdBiXhvR4
