Сопственикот на рибникот „Нежилово“ нѝ вети 25.000 евра за да ја запалиме викендичката во село Капиново, сведочеше денеска пред судот во Велес, Сашо Муневски, веќе осуден за пожарот. Изигран сум, на крај не зедов ни денар, сведочеше тој.
По неколку запалени куќи и викендици во велешки Азот во изминатите неколку години, за последниот подметнат пожар во Капиново од мај минатата година, полицијата уапси тројца осомничени. Беа обвинети Сашо Муневски и Даниел Димески од Прилеп и Ѓоре Петровски од Ореше, познат како Ѓоре Американецот.
Муневски призна вина за подметнување на пожарот и доби седум години затвор, а судењето против Петровски и Димески продолжува во велешкиот суд. Се бранеле дека мислеле дека одат на кражба, а не на палење.
Муневски денеска сведочеше дека Ѓоре Петровски го запознал со сопственикот на рибникот „Нежилово“, Трајко Димовски, кој им ветил 25.000 евра за да ја запалат викендицата на Игор Јорданов за да го исплашат и да го избркаат од селото. Според него, тој и Петровски неколку пати се сретнале со Димовски – и во Прилеп и во неговиот рибник во Нежилово за да се договорат за опожарувањето.
Петровски од место дофрлаше дека сведокот лаже и прашуваше колку му платиле за да лаже. Трајко Димовски воопшто не е опфатен со обвинението.
Муневски рече дека другиот обвинет Даниел Димески не знаел дека одат да подметнат пожар.
КОД веќе ја истражуваше темата со неколкуте подметнати пожари во регионот. Дел од луѓето на кои им изгореле куќите, го обвинуваа Петровски како директен извршител, а некои и тогаш посочуваа дека нарачките дошле од Димовски.
Тој, пак, за КОД негираше каква било вмешаност во палењата. Луѓето на кои им е запалена викендичката ни ги знам ни ги познавам. Негира и дека воопшто има, комуникација со Ѓоре Петровски.
„Они го поврзуваат тоа дека Ѓоре доаѓал тука во ресторанскиот дел. Јас не можам некој што ќе дојде во ресторанскиот дел да го бркам назад, каков човек и да бил, ако чујам дека бил криминалец или нешто, како може јас да избркам некого од овде? – Ова е објект од јавен карактер, за луѓе е“, рече Трајче Димовски за КОД.
Ѓоре Петровски Американецот веќе е осудуван за подметнување пожари во Ореше. Беше обвинет за нарачано убиство во неговото село пред 20 години, но по децениско судење беше ослободен од одговорност.
Срѓан Стојанчов
