Шпанскиот премиер Педро Санчез повика на итна деескалација и продолжување на дијалогот откако САД и Израел извршија напади врз Иран.
Говорејќи на инаугурацијата на Мобилниот светски конгрес во Барселона, Санчез истакна дека е можно истовремено да се биде против иранскиот режим и против воена интервенција која, според него, е неоправдана и спротивна на меѓународното право.
„Денес, повеќе од кога било, е важно да се запомни дека може да се биде против режим полн со омраза, како што е иранскиот режим, а во исто време да се биде против неоправдана, опасна воена интервенција што е надвор од границите меѓународнoто право“, изјави Санчез.
Тој нагласи дека војната не смее да биде решение, особено ако е иницирана без овластување од Конгресот на Соединетите Американски Држави и без мандат од Советот за безбедност на Обединетите нации.
„Мора да се биде против војна иницирана без овластување од Конгресот на САД, Советот за безбедност на ОН и, како што споменав претходно, тоа го крши меѓународното право“, додаде шпанскиот премиер.
Санчез порача дека секогаш постои простор за договорено решение и дипломатски излез од кризата, наместо прибегнување кон уништување како единствена опција.
„Секогаш има простор за договорено решение, наместо да се биде вовлечен во уништување на оружјето како единствен можен излез. Затоа би сакал уште еднаш да апелирам за итна деескалација, целосно почитување на меѓународното право во сите конфликти што за жал ги доживуваме и итноста од продолжување на дијалогот што е можно поскоро. Таму ќе биде Шпанија и таму верувам дека треба да биде целата Европска Унија“, истакна Санчез.
Шпанскиот премиер потенцираше дека Шпанија ќе продолжи да се залага за дипломатско решение и дека Европската Унија треба да заземе јасна позиција во насока на смирување на тензиите и враќање кон преговарачката маса.
